Бочварски: Ги поддржуваме инфраструктурните проекти во Чучер Сандево

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска оствари работна посета на општина Чучер Сандево, и заедно со градоначалникот Сашко Комненовиќ и директорот на ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта, Костадин Ацевски, извршија увид во реконструкцијата на регионалниот пат P 2239 Чучер Сандево – Танушевци.

Реконструкцијата се реализира низ населените места Кучевиште и Побожје, вкупната инвестиција изнесува речиси 13 милиони денари.

Реконструкцијата на овој патен правец е на барање на жителите на Чучер Сандево, што е од големо значење за зголемување на безбедноста и подобрување на условите за развој на општината.

На средбата министерот и градоначалникот разговараа за инфраструктурните проекти што ги реализира општината со поддршка од централната власт. Еден од тие е изградба на фекална канализација во населеното место Побожје, инвестиција од 10 милиони денари, обезбедени преку буџетот на Министерството за транспорт и врски.

Исто така, општина Чучер Сандево преку Проектот за локални патишта во Министерството за транспорт и врски аплицираше за рехабилитација на 4 локални улици во општината во висина од 30 милиони денари.

Министерството за транспорт и врски продолжува со силната поддршка на локалните самоуправи со цел подобрување на животот на граѓаните и рамномерен регионален развој.