Од 60-та седница: Усвоени заклучоците од Собранието за одблокирање на евроинтеграциските процеси; Одобрен предлогот на Француското претседателство од 30 јуни 2022 година

Владата на Република Северна Македонија на денешната 60-та седница ги разгледа и усвои заклучоците на Собранието на Република Северна Македонија по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на ЕУ, со кои се задолжува Владата да ги продолжи разговорите со Европската Унија, со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси.

Врз основа на заклучоците, Владата го одобри Предлогот на Француското претседателство од 30 јуни 2022 година, со што се отпочнуваат пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија.

На денешната седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за утврдување на генералната позиција на Северна Македонија за политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија и определување на состав на државната делегација.

Од министрите беше разгледана и утврдена генералната позиција на Северна Македонија за политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, при што беа донесени задолжувања за утврдување на составот на Државната делегација за политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во ЕУ и задолжување за Секретаријатот за европски прашања за подготовка на план на активности со динамика за следните фази од пристапниот процес.

На денешната седница, премиерот Димитар Ковачевски и останатите членови на Владата изразија задоволство од постигнатите резултати за остварувањата и напредокот за европската иднина на Република Северна Македонија.

Тие, упатија благодарност  до пратениците и професионалните тимови кои успешно работеа и покажаа мудрост и одлучност во донесувањето на државотворна одлука, остварување на уште една стратешка цел на земјата, полноправно членство во Европската Унија.

На седницата, Ковачевски подвлече дека за исправноста  на денешната одлука за подржување на европскиот предлог најдобро говори и многубројната поддршка од меѓународните фактори, која пристигна денеска веднаш по усвојувањето на заклучоците на пратениците на денешната седница, за продолжување на разговорите со ЕУ, поаѓајќи од стратешките и националните интереси за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија.