МТСП: Портокалова фаза во земјава до 27 јули, препораките за ослободување од работа на ранливите категории продолжуваат

Портокаловата фаза на целата територија на државата продолжува до 27 јули 2022 година. Согласно одлуката на Владата на РСМ донесена на денешната седница и препораките за граѓаните за време на топлиот бран продолжуваат.

Министерството за труд и социјална политика ги повикува работодавачите, негователите и воспитувачите во градинките, вработените во Центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови кои следуваат, согласно Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.

Општите мерки кои треба да се почитуваат се следниве:

Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се - бремените жени и лицата постари од 60 години.

Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.

Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика апелира на зголемени контроли од страна на надлежниот Државен инспекторат за труд.

Линк до препораки:  Топлотен бран.