По зголемената социјална помош, во просек за 300 проценти и воведените нови додатоци за лицата со попреченост, во ребалансот на Буџетот предвидени се средства за унапредување на правата на лицата со попреченост, соопшти премиерот Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.
„Целта не е само да се покачи висината на еден надоместок, или висината на одредени права, туку и да се зголеми обемот и достапноста до квалитетни услуги во делот на социјалната заштита, образованието и здравството, за децата и лицата со попреченост, на еднаква основа да користат услуги, да се стекнат со квалитетно образование и да стекнат вештини коишто ќе им овозможат во текот на подоцнежните фази од својот живот да се вклучат рамноправно во пазарот на трудот“, рече премиерот Ковачевски.
Тој објасни на што се однесува поддршката.
„Новите права коишто произлегуваат од овие мерки, а се однесуваат на 2022 година, како што објасни премиерот Ковачевски, вклучуваат ослободување од партиципација за лицата со попреченост над 26 години во вкупна висина од 16.000.000 денари (едно долгогодишно барање), понатаму покачувањето на правото за посебен додаток од 15 проценти за сите три категории корисници (утврдено со Програмата за работа на Владата), односно износот на правото на самохраните родители кои имаат дете со специфични потреби, со пречки во телесниот или менталниот развој, или комбинирани пречки во развојот до 26 години - се зголемува за 50 проценти. За материјално необезбедени родители, кои се корисници на ГМП, а имаат дете со попреченост додатокот се зголемува за 25 проценти“, рече премиерот Ковачевски.
Тој дополни дека освен финансиска помош, обезбедена е и институционална поддршка.
„Преку Министерството за образование и наука и Владата веќе се ангажирани 500 образовни асистенти во наставата, а со ребалансот е обезбедено да се ангажираат уште 225 асистенти, кои ќе бидат од помош да дадат потребна поддршка на наставниците, во работа со учениците со попреченост. Исто така, преку проектот на Светска банка којшто се однесува за нега во домашни услови, исто со ребалансот, обезбедени се 27 милиони денари коишто се плаќаат преку буџетот на МТСП и со што веќе 22 проекта од 27 општини се вклучени и коишто добиваат поддршка за вакви проекти“, додаде премиерот Ковачевски.
Тој посочи дека најголем дел од проектите се однесуваат за лица со попреченост, меѓутоа се однесуваат и на нега на стари лица во домовите, потоа поддршка на дневни центри за лица со попреченост, помош за стари лица за нега и за рехабилитација и слично.
„Преку овие услуги опфатени се повеќе од 522 корисници, а дополнителен бенефит е што лицата кои се ангажирани за реализација на овие проекти се од социјално ранливи категории, кои претходно поминаа стручни обуки“, рече премиерот.
Претседателот на Владата, Ковачевски, соопшти и дека е завршено идејното решение за реновирање на ЈУ Завод за рехабилитација Скопје, којшто ќе прерасне во модерен центар за социјални услуги, за што се обезбедени средства од 1.5 милиони евра од страна на ЕУ, а се инвестира и во отворање 10 станбени единици за живеење со поддршка за 50 корисници од Специјалниот завод Демир Капија и ЈУ Завод за рехабилитација - Скопје.
„Исто така со последниот ребаланс на Буџетот обезбедуваме покачување на правото за посебен додаток од 15 проценти, за сите три категории на граѓани“, додаде премиерот Ковачевски.
Тој потсети и дека се направени измени на Законот за социјална заштита, за намалување на возрасната граница за користење на правото на траен надоместок на 60 години за жени и 62 години за мажи, обезбедени се 27 милиони денари за услуга на помош и нега во домашни услови, преку буџетот на МТСП, како и сите потребни средства за вработување на образовните асистенти, а дополнително се обезбедуваат и услуги за постојана обука на невработени родители на деца со попреченост, за нивно ангажирање во дневните центри, за нега на овие деца. Предвидено е, како што рече премиерот и зголемување во однос на дотациите за општините за градинките и училиштата, во коишто е вкалкулирана исплатата на зголемувањето од 15 проценти на платите за вработените во детските градинки и училиштата, почнувајќи со септемвриската плата.
„Да се потсетиме дека Владата има Национална стратегија за деинституционализација 2018–2027 година - „Тимјаник”, којашто не е само на хартија туку се реализира и во пракса. Со овој процес повеќе немаме деца во гломазните и сиви институции. Тие се преселени во мали групни домови налик семејните. Процесот продолжува и за лицата со попреченост, кои во станбени единици ја добиваат соодветната грижа и услуги кои што им се потребни. Во насока на унапредување на нивните права е и новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост, чијшто процес на подготовка е во тек и каде што од страна на МТСП се ангажирани практично најголемите и најдобрите експерти, кои ги имаме во нашата пракса и академија и се препознатливи и ангажирани од страна на меѓународни реномирани организации како што е УНЕСКО и други организации на ОН.
Оваа Влада како никоја до сега има направено реформи и ги има зголемено буџетите во однос на социјалната сфера, имаме воведено програми и активности коишто даваат поддршка на лицата со попреченост, на старите лица и на сите оние кои што им е потребна поголема поддршка од државата, за да можат да се вклучат во нормален тек и да придонесат и за себе и за државата“, констатираше премиерот Ковачевски на седницата за пратенички прашања во Парламентот.