Јавен повик за пријавување на претставници на граѓански организации и заинтересирани лица за учество во Мрежа за евалуација на имплементацијата и изготвување на Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам

Владата на Република Северна Македонија на 162-та седница, одржана на 05.11.2019 година ја усвои Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам. Нејзината цел е да се подобри интеркултурната комуникација во Република Северна Македонија меѓу различните култури и заедници, како и преку неа да се спроведат препораките на меѓународните тела на Обединетите нации, Советот на Европа, Европската комисија, како и Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

За таа цел се распишува јавен повик за пријавување на претставници на граѓански организации и заинтересирани лица за учество во Мрежа за евалуација на имплементацијата и изготвување на Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам.

На седницата одржана на 28.01.2020 година, Владата го назначи Координативното тело при КПВРСМ задолжено за следењето и известувањето за спроведувањето на Стратегијата и Акцискиот план. Ова тело врши координација на процесот на спроведување на Стратегијата за едно општество и интеркултурализам и ги планира идните активности. Во 2021 и 2022 година Владата ги усвои Информацијата со годишниот Извештај за реализирани активности за 2020 година односно за 2021 година и го разгледа и прифати Акцискиот план за спроведување за 2021-2022 година. Стратегијата и годишните извештаи можете да ги најдете на следниот линк.

Спроведувањето, евалуацијата и изготвувањето на нова стратегија е во согласност со програмата на Владата, како и во согласност со стратешките приоритети на Владата за 2022 година.

Во согласност со определбата на Владата на Република Северна Македонија за партнерство со граѓанското општество во процесот на креирање и спроведување политики, како и директно и суштинско учество на граѓанските организации во изготвување на стратешките документи, ќе се формира Мрежа составена од претставници на институциите и граѓанското општество, која активно ќе учествува во процесот на подготовка на Стратегијата. Во периодот од септември до декември 2022 година, Мрежата, преку разни форми на консултации, дискусии, анализи и учество ќе направи детален мониторинг и евалуација и ќе подготви насоки и препораки кои ќе се вградат во новата тригодишна стратегија. Работата на Мрежата ќе биде комплементарна со Координативното тело.

Сите заинтересирани граѓански организации и лица кои сакаат да учествуваат во Мрежата, потребно е да се пријават со електронска порака на следната адреса, ednoopshtestvo@vlada.gov.mk во рамки на која треба да прикачат портфолио на граѓанската организација, односно CV (Curriculum Vitae) за физичките лица на македонски или албански јазик.

Дополнителни информации може да се најдат на следниов линк.

Рокот за пријавување е до 30 август 2022 година (вторник), 16:00 часот.