Грковска: Неопходно е зајакнување на системот за управување со јавните инвестиции

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска во Државниот завод за ревизија имаше работен состанок со главниот државен ревизор Максим Ацевски, со кого, меѓудругото, разговараа за зајакнување на контролата на јавните инвестиции кои се финансираат со средства од заеми од официјални кредитори.

Вицепремиерката Грковска ја потенцираше важноста да се ревидира постоечката правна рамка која се однесува на системот за управување со јавни инвестиции.

На овој начин, додаде таа, со контролата на јавните инвестиции ќе се спречи одлевање на средства од Буџетот заради непочитување на договорите, доцнење со роковите и навремено неповлекување на средствата.

На состанокот се разговараше и за јакнење на човечкиот капитал, односно за потребата да се инвестира во кадровската екипираност и човечкиот фактор во институциите, бидејќи во моментов институциите се соочуваат со алармантен процес на одлевање на кадри. Од особена важност е да се екипираат единиците за следење на стратешките инвестиции, како и професионалниот кадар за FIDIC стандардите.

Главниот државен ревизор Максим Ацевски нагласи дека добрата координација помеѓу институциите е многу важна и од тој аспект оцени дека иницијативите што ги презема вицепремиерката Грковска и нејзиниот Кабинет даваат значаен придонес во зајакнување на контролата на трошењето на јавните средства.

Двајцата соговорници утврдија динамика за заеднички активности за наоѓање на решенија за брзо и ефикасно надминување на материјално значајните наоди утврдени во ревизорските извештаи.