Премиерот Ковачевски го пречека шпанскиот премиер Санчез со највисоки државни почести, на првата посета на Шпанија во Северна Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски со највисоки државни почести го пречека премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез Перез-Кастехон, кој денеска пристигна во прва официјална посета на Република Северна Македонија.

Со интонирањето на државните химни на Шпанија и на Северна Македонија започна официјалната церемонија за пречек на високите гости на платото пред Владата на Република Северна Македонија.  

Премиерот Ковачевски во придружба на владината делегација во состав со првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, му посака срдечно добредојде на неговиот колега од Кралството Шпанија и на членовите на шпанската владина делегација.

Во рамки на официјалната посета премиерот Ковачевски и премиерот Санчез ќе остварат тет-а-тет средба, по што двете делегации ќе имаат и билатерален состанок.