Владина делегација предводена од премиерот Ковачевски положи свежо цвеќе на споменикот на илинденците на Мечкин Камен

Владината делегација предводена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, положи цвеќе на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен во Крушево.

Со овој чин владината делегација во состав: заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, им оддаде најголемо признание и почит на храбрите илинденци кои пожртвувано ја бранеле првата Република на Балканот, која е темелот на нашата државност.

Поклонувањето пред споменикот на Мечкин Камен е дел од чествувањето на Денот на Републиката - 2 Август, Илинден кој годинава со високи државни почести се одбележува под мотото „Нашата сила за иднината“.