Владина делегација по повод Денот на Републиката - Илинден, положи цвеќе и во Смилево

Со положување цвеќе на могилата на Даме Груев, на Споменикот на смилевските илинденци и на спомен плочата на Смилевскиот партизански одред, во демирхисарското село Смилево, висока владина делегација предводена од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, придружувана од министерот за образование Јетон Шаќири и заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, им оддаде почит на смилевските илинденци и партизани чија пожртвувана борба е вткаена во темелите на нашата државност.

Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска пред присутните говореше за значењето на денешниот празник.

„И денеска, под ова Сонце на слободата, велиме – Илинден е нашиот одговор на секое наше негирање, на секое посегнување по нас, на секое изживување со нас. Ние одамна си го врвиме својот пат и си ја гледаме својата работа. Го подигнавме бајракот за СМРТ или СЛОБОДА, без двоумење застанавме под бајракот на антифашизмот. Секогаш сојузници на доброто, секогаш на страната на праведното. Крушевскиот манифест и Декларацијата на АСНОМ се четива со европски вредности, достојни, и денес, и за проучување и за почитување. Воедно, сите наши Илиндени испратија и јасна порака до целиот свет дека – „Македонско име нема да загине““, рече Костадиновска-Стојчевска.

Највисоките државни почести се одраз на сеќавањето на Смилевскиот конгрес, на кој била донесена конечната одлука за организирање и кревање на сенародно востание на целата територија на тогашна Македонија.

Со  положувањето цвеќе на трите спомен обележја во Смилево, посета на меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес и пригодна културно уметничка програма, граѓаните и државниот врв денеска под мото „Нашата сила за иднината“ го слават големиот државен празник - Денот на Републиката 2 Август и Илинден.