Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, деновиве е во службена посета на Република Словенија и ќе учествува на 60-тото издание на еден од поголемите и позначајните меѓународни саеми за земјоделство и храна во централна Европа – AGRA FAIR 2022, кој се одржува во Горна Радгона.
Во рамки на посетата, министерот Николовски оствари билатерална средба со словенечката министерка за земјоделство, шумарство и храна г-ѓа Ирена Шинко.
На средбата беше разговарано за унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји преку реализација на проекти од Акциониот план за соработка меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и храна на Република Словенија, за периодот 2021-2024 година.
Република Словенија обезбедува значајна техничка поддршка за приближување на законодавството на ЕУ во областа на земјоделството и руралниот развој. Словенечки експерти и консултантски фирми учествуваа во голем број проекти финансирани од ЕУ во рамките на ИПА и Твининг проекти и други проекти од донатори (ФАО). Исто така, Република Словенија обезбедува значителна поддршка и во рамките на Билатералната програма за Северна Македонија, преку која беа спроведени голем број активности насочени кон зајакнување на административниот капацитет на македонските институции (МЗШВ, Платежна агенција, Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството, итн.).
Текстот на Акциониот план за соработка 2021-2024 помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и храна на Република Словенија е договорен и потпишан во ноември 2021 година, за време на 15. министерски состанок во Тирана, Албанија на претставници од двете министерства. Овој Акционен план опфаќа активности за соработка за поддршка на здруженија на млади земјоделци, рурално кредитирање, словенечко искуство во кофинансирање на ИПАРД проекти, потреби за формирање гарантен фонд и имплементација на нови рурални кредитни модели како и размена на практично искуство за примена на агроеколошки мерки, размена на искуства за воспоставување информациски систем за земјоделско знаење – АКИС и друга соработка.
Освен соработката во секторот земјоделство, министерот Николовски и министерката Шинко разменија мислења и за стручна поддршка од Словенија во процесот на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.
Во рамките на АГРА 2022, Република Северна Македонија ќе има организирана презентација на национален изложбен простор од областа на земјоделството, и економијата. Ќе бидат презентирани и можностите за инвестирање во развој на бизниси, особено продлабочување на соработката со Словенија, но и соработката со соседните земји и земјите од регионот.