МОН: Се зајакнуваат стручните служби во основните училишта, значително се зголемува бројот на образовни асистенти

Ангажирањето на образовни асистенти за учениците со попреченост кои следат настава во редовните основни училишта втора година по ред, повеќе не е грижа и трошок за семејствата на учениците со попреченост, туку обврска на државата. Асистентите остануваат фокусирани на обезбедување квалитетно образование на ученикот преку соработка со наставниците и родителите, со стручните работници и инклузивниот тим кој се грижи за ученикот, а истовремено ја поттикнуваат соработката меѓу децата и заедницата.

Како показател дека МОН и Владата, работат на подигнување на степенот на инклузивност во образовниот процес, е и зголемувањето на бројот на образовни асистенти во споредба со учебната 2021/2022 година.

Минатата учебна година, беа ангажирани 500 образовни асистенти, но имајќи ги предвид искажаните потреби на родителите на учениците со попреченост, со одлука на Владата во новата учебна година, ќе бидат ангажирани вкупно 720 образовни асистенти, односно нивниот број се зголемува со нови 220 стручни лица. Со тоа, дополнително ќе се зголеми квалитетот на воспитно – образовниот процес во училиштата, вклучувајќи ги и подрачните училишта во руралните средини.

Министерството за образование и наука и понатаму продолжува со подобрување на пристапноста и достапноста на образовниот систем за учениците со попреченост, преку континуирани инвестиции како во инфраструктурата и набавката на дидактички помагала, така и во обука и професионален развој на веќе ангажираниот наставен кадар и стручни соработници, но и ангажирање на дополнителен секаде кадешто има потреба.