„Ние сме исклучително среќни што оваа година постигнавме договор со кој што имаме 30% зголемени откупни цени на грозјето“, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање, на манифестацијата „Тиквешки гроздобер 2022", што се одржува во Кавадарци.
Во продолжение е интегралната изјава на премиерот Ковачевски:
„Ние сме исклучително среќни што оваа година постигнавме договор со кој што имаме 30% зголемени откупни цени на грозјето, тоа беше потврдено и на состанокот кој што го имавме заедно со винариите и заедно со лозаропроизводителите. Оваа година покрај тоа што откупната цена на смедеревката и на вранецот беше зголемена на 13 и на 19%. Дополнително државата во услови на најголема светска криза издвои дополнителни два денари за секој килограм предадено грозје и дополнително за секој литар извезено грозје уште 2 денари, односно од 2 до 4 денари во просек 3 денари, зависно од амбалажата во која што се извезува. Исто така поддршка на винариите што е исто така директно поддршка и на лозаропроизводителите.
Тој договор со винариите и со лозаропроизводителите практично овозможи да имаме успех од почеток на бербата, јас посакувам на сите плодот да им биде на високо ниво, а на винариите им посакувам успех во пласманот на виното надвор од државата. Она што радува е што ние сме втор најголем извозник на вино во регионот. Исто така сме еден од најголемите извозници во светски рамки на вино покрај тоа што сме еден од најголемите извозници во европски рамки и квалитетот на виното секоја година е на повисоко ниво. Веќе за 2/3 е зголемен извозот на флаширано вино во однос на наливно вино што беше случај во минатото и тоа само потврдува дека политиките кои што Владата ги спроведува во изминатите 5 години се на бенефит на винариите и на лозаропроизводителите и секако на државата, бидејќи извозот на вино од државата надмина веќе 61 милион евра во текот на изминатата година што е за 19% повеќе од 2020 година.
Верувам дека со големиот квалитет кој што нашите вина го имаат и што беше потврден од најголемиот европски саем одржан во Белград во организација на Србија, Северна Македонија и Албанија дека ќе претставува уште поголем поттик како за производителите на грозје, за сопствениците и менаџерите на винариите, така и за државата да оваа стратешка гранка ја држи на високо ниво на агендата на Министерството за земјоделство.“
На новинарското прашање поврзано со проблемите за откупот на црното грозје, премиерот одговори:
„Сите отворени прашања и нормално сите предизвици кои се јавуваат како и во секој откуп веќе ги има нотирано Министерството за земјоделие на самиот состанок кој што го имавме со сите, Министерот за земјоделие јасно кажа дека инспекторатот е на располагање на сите лозаропроизводители за да интервенираат во секој случај кој што ќе се појави, во кој што ќе има различно толкување на информациите кои што ги имаат и откупувачите и продавачите на грозје.“