ЗПВРСМ Битиќи ќе се обрати на конференцијата за глобално програмирање на Зелениот климатски фонд

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во следните три дена ќе учествува и ќе се обрати на Втората конференција за глобално програмирање на Зелениот климатски фонд, која ќе се одржи од 13 до 15 септември 2022 година во Инчеон, Република Кореја.
Вицепремиерот Битиќи ќе има воведно обраќање на отворањето на конференцијата, утре (13.09.2022 година), кога ќе се обрати и извршениот директор на Зелениот климатски фонд, Јаник Глемарец, а потоа ќе учествува и на министерските панели.

Конференцијата ќе ги собере министрите, националните назначени органи на Зелениот климатски фонд како и акредитираните ентитети (како Светска банка, ЕБОР, ФАО, УНДП, ГиЗ итн), за да обезбеди платформа за дијалог на високо ниво за преточување на долгорочните стратегии за редукција на јагленородни емисии и планови за отпорност на клима, во инвестиции.
  
Настанот ќе направи преглед на улогата на Зелениот климатски фонд во овозможувањето активности за справување со климатските промени и ќе обезбеди платформа за засегнатите страни на Зелениот климатски фонд за ефективно да одговорат на сè поитните потреби за справување со климатските промени и исполнување на целите на Парискиот договор за клима. Конференцијата, исто така, ќе биде можност за дефинирање на нови можности и проекти во различни сектори, како и споделување лекции од имплементацијата на конкретни проекти во различни земји.
  
Глобалната конференција за програмирање ќе се одржува заедно со конференцијата на Зелениот климатски фонд „Private Investment for Climate 2022 година“.

Во текот на посетата вицепремиерот ќе оствари и неколку билатерални и бизнис состаноци.
  
Учеството на вицепремиерот Битиќи на конференцијата е по покана и под покровителство на Зелениот климатски фонд.

Календар Влада: 
E martë, Shtator 13, 2022 - 00:00 to E enjte, Shtator 15, 2022 - 23:45