МТСП: Со септемвриската пензија пензионерите добиваат повисоки пензии за 6.8 проценти, согласно новата методологија за усогласување на пензиите

Со септемвриската пензија околу 330 илјади пензионери во државата ќе добијат повисоки пензии за 6.8%, согласно новата методологија воведена со последните измени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година.

Новата Методологија предвидува усогласување на пензиите  со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50% пораст на трошоци на живот, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика.

Усогласувањето ќе се врши два пати во годината, односно во март и септември, што значи ќе ги следи промените во двата индекси за усогласување.

Споредбено со просечната пензија усогласувањето би изгледало вака:  
Просечна пензија во јули 2022 година изнесуваше 16.348, а со усогласувањето од 6,8% во септември 2022 година изнесува 17.422 денари (1.074 денари повеќе.)

Носењето на решенија на долг рок и нивна одржливост од кои директна придобивка имаат граѓаните со акцент на ранливите категории е приоритет на Владата и Министерството за труд и социјална политика.