Петровска од Конференцијата за новата реалност по украинската криза: се соочуваме со бројни предизвици, но мораме да останеме обединети и уште погласни во барањето да се почитува меѓународното право и поредок

„Сведоци сме на најголемата безбедносна криза по завршувањето на Студената војна. Поминуваме низ исклучително тешки и драматични времиња поради тоа што се случува во Украина, поради војната и бесрамната агресија на Русија против друга европска нација која што дека донесе илјадници жртви и болка на граѓаните. Руската агресија врз Украина ни докажа дека, за жал, мирот не е загарантиран и не е даден еднаш засекогаш и дека меѓународниот поредок заснован на правила може да биде оспорен“, рече министерката Славјанка Петровска на денешната Конференција на тема „Редефинирани приоритети: Нови реалности по украинската криза“, во организација на Универзитетот Американ колеџ и UNHCR во Северна Македонија.

Министерката порача дека и покрај бројните механизми и алатки преку дијалог и дипломатија, не можат да се спречат едностраните одлуки кои носат насилство, смрт и уништување. 

„Историјата особено поблиската покажа дека единствениот пат кон конечно и одржливо решение е дијалогот кој мора да ја добие својата шанса. Изнудените и насилни референдуми кои се најавуваат дека ќе се одржат во окупираните делови на Украина, не се решение. Затоа е неопходно е итно примирје и разрешување на конфликтот, што е единствено можно по дипломатски пат“, рече Петровска.

Таа се осврна и на улогата и позицијата на НАТО – Алијансата, особено во однос на една од клучните задачи – одбраната и одвраќањето. НАТО, истакна Петровска, останува посветено на одбрана и одвраќање, на одбрана на секој метар сопствена територија и одвраќање на трети земји од непријателски дејствија.

Во контекст на безбедносните предизвици, Петровска порача дека листата е голема и комплексна – енергетската зависност, зависноста од други ресурси, ценовните шокови, климатските промени, сајбер и хибридните закани, дезинформациите и дека оваа реалност побарува редефинирање на приоритетите и адаптација.

„Енергетската зависност станува клучен предизвик за повеќето европски земји кој може да ја предизвика безбедноста и стабилноста на земјите од евроатлантското подрачје. Поради порастот на цените на енергенсите импликациите се чувствуваат врз секој аспект од нашето живеење. Но, кога енергенсите стануваат оружје и средство кое треба да ја скрши нашата волја за да го поддржиме територијалниот интегритет на суверена држава на европско тло како што е Украина, тога ние треба да бидеме уште посилни и напорно да работиме да ја минимализираме зависноста и да го намалиме влијанието на овој предизвик и закана за нашите земји и во иднина“, подвлече министерката.

За хибридните и сајбер заканите, министерката истакна дека се сè посериозна закана за сите развиени општества и дека веќе сме сведоци дека цел на напади се и држави од регионот кои се и членки на НАТО.

„Критичната инфраструктурата која денес овозможува непречено функционирање на општеството е клучна за опстанокот и развојот на државата. Сериозните сајбер напади и последиците од загрозување на критичната инфраструктура се сериозен безбедносен предизвик на државите. Во последниот период во регионот идентификувани се и зголемен број на сајбер напади врз државните институции, невладините организации и централните банки. Токму овие, сајбер нападите и хибридните активности се насочени и кон слабеење на отпорноста на државите. Преку поткопување на општествената кохезија и нашиот начин на живот овие активности се насочени кон ослабување и поделба на земјите однатре“, истакна Петровска. Одговор, пак, на напливот на дезинформации, треба да биде зголемената транспарентност во работењето на институциите.

Фокусирајќи се на местото на Северна Македонија во контекст на безбедносната криза, Петровска порача дека токму оваа ситуација ја покажува исправноста на политичките одлуки кои можеби не биле едноставни или популарни, ама биле исправни.

„Во 2018 година, кога се решаваше спорот со Република Грција, се донесе не толку едноставна или популарна одлука за затворање на тој спор и благодарение на така постигнатиот договор, Република Северна Македонија стана земја членка на НАТО. Вредноста и исправноста на одлуките се покажува после извесно време. Република Северна Македонија служи како исклучителен пример за земјите на Балканот за тоа како треба да гледате напред кон иднината“, истакна министерката.

На Конференцијата, освен министерката Петровска се обрати и Едвард Џозеф, предавач на Школата за меѓународни студии на Универзитетот „Џон Хопкинс“.