Маричиќ: Очекувам позитивен Извештај од Европската комисија

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на денешниот брифинг со новинарите соопшти дека следната недела ќе пристигне Извештајот на Европската комисија за напредокот на државата и дека истиот очекува да биде позитивен.

- Очекуваме позитивен Извештај кој несомнено ќе биде наш водич за следните реформи и активности, со сите негови добри и помалку добри оценки. Ова ќе биде прв Извештај од почетокот на преговорите и не очекувам да има некакви изненадувања, рече вицепремиерот Маричиќ.

Вицепремиерот и главен преговарач со Унијата, Маричиќ, брифираше и дека од 7-ми ноември, со почетокот на билатералните состаноци, ќе има разделување со албанскиот преговарачки тим, и дека одделно ќе го продолжиме билатералниот скрининг.

На брифингот, покрај Маричиќ беше и надворешниот експерт, поранешниот хрватски преговарач, Владимир Дробњак, кој даде краток осврт на текот на преговорите на Хрватска и го сподели искуството во преговарањето со Европската Унија во одделни области.

- Преговорите треба да ги сфатите како трансформација на општеството, која води кон корист за сите. Секоја тешкотија во текот на преговорите ќе ви се исплати кога ќе го добиете членството во ЕУ“, порача Дробњак, додавајќи дека решавањето на деликатните прашања е подобро да се прави кога се преговара на рамноправна основа, односно кога Северна Македонија ќе стане членка на Унијата, бидејќи тогаш може да се дојде до покорисни решенија за државата.

Зборувајќи за преговарачката структура, вицепремиерот Маричиќ рече дека се водат разговори за позициите правник, главен економист и главен антикорупционер и посочи дека особено важна ќе биде позицијата главен антикорупционер, затоа што во секоја област ќе треба да се дефинираат мерки против корупција.

Маричиќ навести дека во фокусот на скринингот ќе бидат владеењето на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции во земјава, за што се очекуваат патокази за сите три области до март идната година. Првите два се задолжителни и без нив не може да се отвори Кластерот, додека пак патоказот за функционирањето на демократските институции е доброволен, но е добро да го имаме и него изготвено, вели тој.

На прашањето за уставните измени и внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот, Маричиќ истакна дека тоа е обврска која сме ја презеле и дека не би било добро да го завршиме скринингот, а да не ги имаме завршено останатите обврски, додавајќи дека тоа би значело и прекин на преговорите со Унијата.