Одржан Економски совет во проширен состав: Време е за одговорно однесување со енергенсите, солидарност и поддршка за ранливите категории граѓани

Денес во Владата на Република Северна Македонија се одржа Економскиот совет на кој присуствуваа претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за финасии Фатмир Бесими, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, претставници на економскиот тим на Владата, пратеникот и професор Елми Азири, академик Таки Фити, претставници од енергетскиот сектор, ЕСМ, ЕВН, НЕР, РКЕ, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, директорката на УЈП Сања Лукаревска, претседателот на ССМ Дарко Димовски, Трпе Деановски претседател на Синдикатот на работниците од УПОЗ, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, претседателот на Сојузот на Стопански комори Трајан Ангелоски, извршната директорка на Македонија 2025, Никица Мојсовска, претставници од стопанството, економски и енергетски експерти како и повеќе професори и претставници на академската јавност.

Низ конструктивен дијалог беа отворени сите теми од интерес за граѓаните и стопанството, а врзани со справување со економско-енергетската криза во која се наоѓа Северна Македонија, но и Европа во целост. Воедно транспарентно беа споделени и сите податоци со кои располагаат институциите и стопанството сè со цел што посеопфатно справување со последиците од економската и енергетската криза.

На состанокот беа разгледани сите опции за снабдување со електрична енергија од домашно производство, како и модалитетите за поддршка на стопанството и граѓаните на кои тоа им е потребно. Во таа насока беше истакнато зголемувањето на производството на електрична енергија од АД ЕСМ за 25%, како и напорите да се обезбеди електрична енергија со пониска берзанска цена за што веќе се водат преговори со неколку земји. Овие напори продолжуваат и во наредните денови, сè со цел помош на компаниите кои се на отворениот пазар да добијат струја која е поповолна од берзанската цена.

Во рамки на заложбите за обезбедување електрична енергија од сопствени извори беа разгледани модалитетите за вклучување на електраната  ТЕТО во „Б режим“, пришто нејзиното производство би било понудено на приватниот сектор по фиксна цена, согласно движењето на берзанските цени на гас.

„Сите сме свесни за тоа како енергетската криза ќе се одрази врз целокупната економија на државата, врз стопанството и граѓаните. Наредната недела Владата ќе излезе со конкретни таргетирани мерки насочени кон најранливи категории граѓани и компаниите. Воедно ќе продолжи економскиот и социјален дијалог со синдикатите со цел сите заедно полесно да ја пребродиме кризата“, истакна премиерот Ковачевски и ги повика сите чинители во државата на одговорно однесување. Воедно премиерот Ковачевски истакна дека се обезбедуваат и мерки за помош на компаниите преку Развојната банка, кои ќе овозможат ликвидност за компаниите и полесно пребродување на кризата во месеците кои следат.

На Економскиот совет беше реафирмиран апелот до пратениците во Парламентот за што поскоро изгласување на Законот за задолжување во европската банка за обнова и развој од 100 милиони евра, што обезбедува ликвидни средства по исклучително поволна каматна стапка, како и за работењето на ЕСМ во услови на криза. Премиерот Ковачевски во овој контекст посочи дека не е време за политички агенди, туку за работење исклучиво во интерес на граѓаните и државата. Апелот воедно се однесува и на Законот за енергетика и неговите соодветни измени, на Законот за нафта и нафтени резерви, како и за спроведување на одлуката за распределба на финансиски средства, односно прераспределба на ставки кои што се однесуваат на справување со енергетската криза.

На состанок на Економскиот совет се обратија и министерот за финансии Фатмир Бесими  кој истакна дека буџетот нема да има проблеми со ликвидноста и покрај економската криза и дека бизнис заедницата може да биде спокојна, но и подготвена на одговорно работење.

На Економскиот совет гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска истакна дека навремено се согледани макроекономските импликации на енергетската криза и дека се преземени сите потребни мерки за контрола на инфлацијата и одржување стабилен курс на денарот. Воедно беше посочено дека финансиската стабилност и ликвидност на банките е обезбедена и во време на криза.

Заклучено беше дека енергетската состојба е стабилна, и дека дополнителните таргетирани антикризни мерки за граѓаните и стопанството на кои Владата работи активно се потребни што поскоро. Воедно, утврдена беше потребата од одговорно однесување кон енергенсите, солидарност  и поддршка за ранливите категории граѓани.