Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини учествува на 9-та Министерска конференција за животна средина за Европа, што од 5-ти до 7-ми октомври се одржува во Никозија во Кипар и е фокусирана на одржлива инфраструктура, одржлив туризам и образование за одржлив развој.
Во рамките на Министерската конференција се организирани повеќе придружни настани. Министерот Нуредини имаше обраќање на придружниот настан: „Кофинансирање на активности за примена на препораките од Прегледот на перформансите на животната средина (Environmental Review Prerfomance - EPR)“ кој имаше за цел да ја промовира операционализацијата на препораките од EPR на Мароко, Северна Македонија, Таџикистан и Узбекистан со цел истите да се подобрат.
Министерот Нуредини во обраќањето ја истакната важноста на поддршката од ОН и UNECE во напорите за подигање на еколошките стандарди и усогласување со меѓународните договори и обврски, земајќи ги предвид националните околности и специфичните потреби на земјата.
-Прегледот на перформансите на животната средина за Северна Македонија е сеопфатен документ кој обезбедува рамка за развој на политики и иницијативи на управување, правни инструменти и политики, како и практични акции и проекти - истакна Нуредини и посочи дека во однос на препораките од 3-от EPR во нашата држава се преземени бројни чекори и се постигнати видни резултати.
Според Нуредини, Северна Македонија постигна голем напредок во Поглавје 4 што се однесува на мониторинг и информации за животната средина и во врска со одредбите поврзани со Националниот информативен систем за животна средина.
Исто така, во однос на Поглавјето 7 кое се однесува на климатските промени препораките од 3-от EPR овозможија да се забрза процесот на усвојување на законските и стратешките рамки и дел од истите веќе се во сила, а во процес е зајакнувањето на институционалните рамки и усвојување на дел од сродни документи за адаптација на климатските промени. Ова значително влијаеше на вклучувањето на климатските промени во севкупната агенда за одржлив развој во земјата.
Нуредини го нагласи напредокот во однос на Поглавјето 9 што се однесува на управувањето со водите. Во тој дел Нуредини ги издвои:
- санацијата и одржувањето на мрежата систематско следење и проценка на статусот на површинските и подземните водни тела во согласност со меѓународните и практиките на Европската Унија, при што е постигната функционалност на вкупно 26 станици;
- воспоставувањето на Национален регистар за подземни води;
- интензивни активности за изградба на пречистителни станици и системи за собирање на отпадни води за градови над 100.000 еквивалент жители како приоритет и за општини над 10.000 еквивалент жители како секундарен приоритет - во моментов работат 25 пречистителни станици, со вкупен капацитет од 590.000 е.ж., што претставува 27,5% од потребниот капацитет со осврт на изградбата на пречистителна станица во Скопје и на колектори за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализациона мрежа во општина Кичево и за општина Битола за кои се очекува интензивирање на активностите поради техничката поддршка обезбедена во рамки на ИПА фондовите .
Во делот на управување со водите министерот Нуредини го најави и започнувањето на реализација на проектот: „Општинска водна инфраструктура Северна Македонија“ со заем од ЕИБ во висина од 50 милиони евра, со кој покрај изградба и рехабилитација на инфраструктура за водоснабдување, собирање и третман на отпадни води ќе се реализираат и вонредни мерки за заштита од поплави и се однесува за сите општини во земјата.
Напредокот е постигнат и во Поглавје 10 што се однесува на управување со отпад и хемикалии, каде е изменета регулатива во согласност со правото на ЕУ, поврзана со зголемената одговорност и проширената одговорност на производителот, а напредок е забележан и за препораката за посебно собирање и рециклирање на тековите на отпад.
Придружниот настан овозможи размена на искуства меѓу земјите за најдобри пристапи и решенија за ефикасна и ефективна примена на препораките EPR, за воспоставување партнерства и здружување на напорите за унапредување на управувањето со животната средина и перформансите во разгледуваните земји и во регионот на UNECE и пошироко.