Македонија и Бугарија ја продолжуваат соработката во одбраната

Македонија и Бугарија имаат одлична соработка во одбраната, беше констатирано на денешната средба во Софија на министрите за одбрана на двете земји Фатмир Бесими и Ањо Ангелов.

Во рамки на посетата на Бугарија, беше потпишан Годишен план за соработка меѓу двете министерства. Ова, како што потенцира Бесими, е уште еден знак за одличната досегашна соработка меѓу Македонија и Бугарија.

- И на овој состанок, како и на досегашните што ги имав со колеги од земји членки на НАТО, ги поздравуваат реформите и даваат признание за придонесот на Република Македонија во меѓународни мировни мисии и поддршка за членство во НАТО. Секако, во рамки на принципите на НАТО, со усогласување и надминување на отворените прашања кои се уште стојат на политички план. Република Македонија и де факто со својот придонес покажува дека е кредибилен партнер за НАТО, изјави Бесими по средбата.

Министерот Бесими, како што рече, на средбата укажал за значењето на членството на Македонија во НАТО, не само за земјата туку за целиот регион.

Според него, членството на земјите од регионот во НАТО е исклучително важно за мирот, стабилноста и просперитетот во регионот.
 
На средбата станало збор и за неколку значајни регионални проекти во рамки на СЕДАМ  Иницијативата, како и за проекти што се однесуваат на концептот „смарт дифенс“ и за регионални проекти и иницијативи што се од Бугарија, Македонија и од други земји.

Исто така, на средбата се рзаговарало и за донации и школување на офицери од Македонија во Бугарија и за слични можности, како шти се вежбите на кадети во летниот камп во Криволак и други вежби што Македонија може да ги овозможи.
 
- Македонија останува на определбата за членство во НАТО и има поддршка од граѓаните за тој процес. И на Самитот во Чикаго и потоа, на членството на Македонија во НАТО не гледаме како цел сама по себе, туку тоа е дел од еден подолг процес што во континуитет ние го водиме во рамки на евроатлантските интеграции, заклучи Бесими.