Ковачевски: Се покажаа лагите, македонскиот јазик е признаен од ЕУ, доказ за тоа е потпишаниот Договор со ФРОНТЕКС

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, од седницата за пратенички прашања во Собранието, го честиташе на граѓаните потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС, потпишан вчера во Скопје, којшто е прв потпишан договор со ЕУ, на чист македонски јазик, односно без додавки, фусноти и ѕвездички.

„Овој Договор којшто го потпишавме на македонски јазик е голема победа за нашата држава и доказ за постоењето и заштитата на нашиот идентитет и македонскиот јазик.

Јас го одржав моето ветување, а своето ветување го одржа и ЕУ бидејќи е доверлив партнер на нашата држава. Вчерашното потпишување на Договорот со ФРОНТЕКС, којшто е првиот официјален договор потпишан помеѓу Северна Македонија и ЕУ по започнувањето на преговорите, е вистински пример за тоа како во реалноста изгледа исполнувањето на вакви ветувања“, рече премиерот Ковачевски.
  
Претседателот на Владата, Ковачевски, посочи дека во меѓународната заедница, прецизно се употребува терминот „македонски јазик“, што го потврди и претседателката на ЕК, Фон дер Лејен, дека целото законодавство се преведува на македонски јазик и дека македонскиот јазик е рамноправно застапен, заедно со сите други европски јазици, во Европската Унија.

„Ова е прв пат во историјата на односите во официјален документ на ЕУ, македонскиот јазик да биде без додавки. Досега нема документ во ЕУ каде што се споменува македонски јазик, потпишан од сите 27 земји членки. Бугарија го одблокира потпишувањето на ФРОНТЕКС и ова е првиот договор во историјата на односите помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ, во коишто се потпишува договор со македонски јазик“, посочи премиерот Ковачевски.

Во Парламентот, претседателот на Владата Ковачевски, го објасни и практичното значење на Договорот за државата.

„Досега повеќе од 10 години ние немавме договор со ФРОНТЕКС, токму заради прашањето на јазикот, бидејќи бевме блокирани со години наназад, бевме приморани да потпишуваме билатерални договори со Чешка, Словачка, Словенија, Австрија, за да ни пратат полицајци на јужната граница, за заштита на илегалната миграција. Не можевме да ги користиме услугите на ФРОНТЕКС. Со овој Договор ќе можеме заеднички да се справуваме со нелегалната миграција и заеднички да одговориме на предизвиците, но овој пат тоа ќе го правиме од нашата територија, заедно со силите на ФРОНТЕКС“, објасни премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, рече дека граѓаните повторно можат да видат „кој е веродостоен партнер кој ќе ги изнесе на европски пат, а кој се користи со лаги и манипулации за да сее страв и несигурност и да ја поткопа довербата во институциите и вербата во Европа“.

„Со потпишувањето на овој Договор, на дело се покажа и деструктивноста на сите кои со мегафони пред Владата и со вувузели во Парламентот бескрупулозно лажеа дека ова нема да се случи и дека македонскиот јазик секогаш ќе биде со некаква фуснота или додавка“, оцени премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски изрази очекување дека пратениците кои тоа го правеле, како што рече: „во натамошните одлуки што ќе ги носи Собранието, ќе најдат сила да ги поддржат одлуките коишто ќе значат побрзо пристапување на Северна Македонија во ЕУ, а коишто пред сѐ значат подобар живот за граѓаните во европска Македонија, внатре кај нас“.