Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со задоволство го најавува големиот настан „Вкуси ја традицијата - Прв национален саем за храна и пијалоци“ кој ќе се случи на 12.11.2022 година (сабота), со почеток во 11:00 часот, на просторот пред езерцето, во Градски парк Скопје.
Настанот е во организација на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Слоу Фуд Македонија, а ќе се одржи под мотото „Taste life, taste tradition“ односно Вкуси го животот, вкуси ја традицијата“.
Ова е прв саем со ваков обем, на кој ќе се претстават повеќе од 200 производители од над 40 локални здруженија, кои заеднички ќе ги презентираат македонското земјоделство и гастрономија.
На просторот во Градски парк, ќе бидат поставени над 200 штандови со производи, ќе се подготвува вкусна традиционална храна од познати готвачи, а предвидено е и детско катче, со цел на децата одблизу да им се претстават домашните земјоделски произвоиди, храна и пијалоци. За целосна позитивна атмосфера, посетителите ќе можат освен во вкусовите на домашна храна и пијалоци да уживаат и во звуците на музичката група Љубојна и Ди џеј Мац.
Саемот „Вкуси ја традицијата - Прв национален саем за храна и пијалоци“ ќе биде отворен во периодот од 11-16 часот. За сите посетители, влезот ќе биде бесплатен.