Грковска-Павиќевиќ: Средношколците да бидат партнер во креирањето на политики, само така се доаѓа до долгорочни и одржливи решенија

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со делегација од Сојузот на средношколци, предводена од претседателот Лука Павиќевиќ, на која разговараа за потребите на средношколците во земјава и за можностите за унапредување на условите за образование, кои ќе обезбедат ефикасен и квалитетен процес на наставата.

Вицепремиерката Грковска истакна дека е многу важно средношколците да бидат обединети и активно да учествуваат во креирањето на политиките кои се однесуваат на нив, бидејќи само на тој начин може да се дојде до ефикасни, долгорочни и одржливи решенија и политики.

Претседателот на Сојузот на средношколци, Павиќевиќ, го презентираше нивниот предлог за измени и дополнувањата на Законот за средно образование, кој се однесува на проширување на опфатот на бесплатниот јавен превоз и за учениците од приватните средни училишта, за учениците со посебни образовни потреби, но и за феријалната практика која се реализира за време на летниот распуст.

За овој предлог, средношколците веќе направиле консултации со пратениците од Клубот за младински политики и прашања во Собранието на Република Северна Македонија.

Вицепремиерката Грковска ја поздрави определбата на средношколците, преку пошироки консултации со пратениците, но и со надлежните институции, да обезбедат консензус за прашањата кои се од нивен интерес.

Таа нагласи дека Владата и нејзиниот кабинет се секогаш тука отворено да се разговара за сите прашања и предизвици со кои се соочуваат средношколците.