Заедничка прес-конференција по Министерската конференција во организација на МВР и ИОМ

Денеска, (16.11.2022), во Хотел Лимак беше оддржана прес-конференција во склоп на Министерската Конференција за одржливо управување со миграции во Западен Балкан во соорганизација на МВР со Канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ). а на која присуствуваат министри за внатрешни работи од регионот. Изјави за медиуми имаа министерот за внатрешни работи на РСМ, Оливер Спасовски, Генерален директор на ИОМ, Антонио Виторино, како и министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Селмо Цикотиќ и министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Филип Аџиќ.

Во продолжение интегрална изјава на МВР Спасовски:

Почитуван Генерален Директор на Меѓународната организација за миграции, Антонио Виторино

Почитувани медиуми,

Ми претставува посебно задоволство што како Министерство за внатрешни работи имавме чест, заедно со Меѓународната организација за миграции -ИОМ, во рамки на Чешкото претседателство на Советот на Европската Унија да бидеме соорганизатори и домаќини на Министерска конференција за одржливо управување со миграции во Западен Балкан. Менаџирањето со миграцијата е комплексен безбедносен предизвик со кој веќе подолг период се соочуваме како држава, но и како регион во целина, бидејќи Балканскиот полуостров е дел од мигрантските рути и под-рути кои водат од Азија и Африка кон Централна и Западна Европа.

Нелегалните миграции се секојдневна тема на дискусија и дејствување на полициските служби во нашиот регион и во Европа, каде притисокот и транзитот на нелегалната миграција и во 2022 година останува висок, а криминалот со криумчарење мигранти поради побарувачката за криминални услуги и понатаму е привлечен и профитабилен за криминалните групи.

Актуелните воени и политичко безбедносни кризи на Блискиот и Средниот исток, неповолната економска и социјална состојба во матичните земји влијаат за обиди за влез и транзит на нелегални мигранти низ нашата земја. На нашата јужна граница веќе седум години споделуваме искуство на заедничко работење со странски полициски службеници преку континуираното имплементирање на меѓународната заедничка операција со помош на ИОМ, во која учествуваат колеги од осум европски земји, од кои седум се членки на Европската Унија со максимален број од 160 распоредени странски полициски службеници.

Потпишувањето на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија што со гордост го промовираме во последниов месец и на меѓународно и на национално ниво за нас има повеќе значења. По ратификацијата на Договорот, со цел обединување на силите и зајакната координација, се отвора можност за распоредување на персонал на Фронтекс на наша територија. Со тоа дополнително ќе бидат регулирани и прецизирани политиките и практиките за заштита на границите, што, пак, ќе придонесе за јакнење на капацитетите за контрола на миграциите, особено на нелегалните.

Дозволете да ја истакнам важноста што Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија ја придава на меѓународната соработка, на стратешко и на оперативно ниво во менаџирањето на миграциските текови. Во оваа насока горди сме што имаме повеќе проекти што се реализираат  токму со поддршка или во соработка со ИОМ, со агенциите на Обединетите нации, и со други партнери од меѓународната заедница.

Клучна активност на нашиот пат натаму во одржливото управување со миграциите во Западен Балкан претставува напредокот во реализирање на меѓународната прекугранична соработка, зацврстена меѓународна доверба, зголемена размена на информации, која е најдобар доказ за нашата подготвеност да го направиме безбедносниот амбиент уште поповолен, а со тоа и напредокот во европските интеграции уште побрз.

Ви благодарам.