Тренчевска: Детската заштита е во нашиот фокус, функционирање на градинките е од особена важност за квалитетен предучилишен процес

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска заедно со регионалната директорка за човечки развој за регионот на Европа и Централна Азија при Светска банка, Фадија Садах направија увид на работата во ЈОУДГ 8ми Март, објект Пеперутка 3, Драчево, Општина Кисела Вода.

Градинката во Драчево  е дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за труд и социјална политика, кој го спроведува со поддршка на Светска банка. Изминатата недела беа отворени две градинки кои се дел од овој проект, во Струмица и Валандово.
Министерката истакна дека, детската заштита останува во фокусот на работењето на Министерството за труд и социјална политика и затоа функционирањето на градинките е од особена важност за квалитетен предучилишен процес.

„Навистина е важно да ги отвориме градинките и да ги обезбедиме местата за децата, но тука нашата работа не е завршена. Мене како Министерка за труд и социјална политика која континуирано работи на детската заштита секогаш фокусот ми е на квалитетот на предучилишното воспитание и функционирањето на градинките да продолжи по високите стандарди кои се поставени при нивното отворање“ рече Тренчевска.

Таа се осврна и на енергетската ефикасност на градинката и рече дека во време на енергетска и економска криза ваквите градинки се од особена важност.
Градинката има керамичка, вентилирачка фасада, која придонесува во намалување на потрошувачката на енергија. Истовремено, потсети на владината одлука за замрзнување на цената на пелетите, кој како енергенс го користи и оваа градинка, а со тоа директно се влијае на буџетот на градинката.

На крајот од обраќањето Тренчевска истакна дека увидот е успешен и функционирањето на градинката е примерот по кој сите треба да работат и дека тоа е вистинскиот патоказ за грижата на децата

Регионалната директорка на Светска банка, Фадија Садах изрази задоволство од денешната посета и упати поддршка за понатамошните активности кои ги има министерството, во областа на детската заштита.