Премиерот Димитар Ковачевски се обрати и учествуваше на настан по повод Светскиот ден на детето под мотото: „Кога се работи за детските права, сите сме еден тим’“ во организација на Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Фудбалската федерација на Македонија.
На настанот обраќања имаа и Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ и Дени Масев, директор на ФФМ, по што ќе се одржи пријателски натпревар. Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека на овој ден се потсетуваме кои ни се приоритетите, каде треба да ни е насочен погледот, што сакаме да постигнеме за да обезбедиме безгрижно детство, а секако и подобра иднина и можности за развој.
Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски во целина:
„Најпрво да ви го честитам Светскиот ден на детето.
Ваш е реално секој ден од секоја година, но на овој ден сите ние возрасните заедно со вас се потсетуваме кои ни се приоритетите, каде треба го насочиме погледот, што сакаме да постигнеме за да ви обезбедиме вас најпрво безгрижно детство, а секако и подобра иднина и можности за развој.
Оваа година Светскиот ден на детето практично се поклопува со започнувањето на Светското првенство во фудбал и во тој фудбалски дух и тимска енергија би сакал да порачам дека ние ќе сме силни како заедница, сѐ додека како едно семејство се грижиме за оние кои ја преставуваат иднината на нашата земја – децата!
Последниве неколку години беа навистина полни предизвици - КОВИД пандемијата, економската криза, војната во Украина, енергетската криза, сето тоа остави огромни последици, особено не само врз семејствата, туку и врз децата.
Децата и младите беа според мене најпогодени од КОВИД кризата, навистина целосно им се измени и учењето и другарувањето, им се измени животот. Воопшто не беше лесно да си дете тогаш, но ние и тогаш и денес одбираме да излеземе како победници од сите потешкотии низ кои минуваме.
Јас силно верувам дека предизвиците нѐ прават посилни и дека кога пловиме по немирни води, само со храбар и проактивен однос кон животот постигнуваме успеси. Ваквиот приод сакаме да им го пренесеме и на најмладите и на овој ден гласно да им порачаме и самите да бидат гласноговорници и застапници на своите права.
Светскиот ден на детето е нашиот потсетник за обврските што како општество ги имаме кон нашите деца, особено оние чија положба е многу чувствителна.
Јас не сакам да должам многу со мојот говор. Гледам дека сите сме спремни за навивање, кога стигнав добив аплаузи и затоа решив да се повлечам да се пресоблечам и да играм фудбал.“