Ковачевски: Почитувањето и уважувањето на различните јазици е европски, цивилизиран и напреден начин на функционирање на општествата - Честит Ден на Албанската азбука

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска учествуваше и се обрати на настан посветен на 114-годишнината од стандардизацијата на албанската азбука. Премиерот Ковачевски истакна дека почитувањето и уважувањето на различните култури, традиција и јазици е европски, цивилизиран и напреден начин на функционирање на општествата кои ги препознаваат вистинските вредности каков што пример е нашето општество.

Во продолжение е обраќањето на премиерот Ковачевски пренесено во целина.

„Ми претставува особено задоволство и чест што денеска сум тука на одбележување на 114 години од стандаризацијата на албанската азбука.

Денеска сум тука, пред сè свесен колку мојот македонски јазик и азбука ми значат на мене, и колкава чест ми е кога мојот јазик е уважен. Затоа истата чест ја укажувам секој пат и за секој јазик кој не е мојот мајчин јазик. Бидејќи јазикот не е само средство за комуникација со кое ќе се разбереме, тој е дел од нашиот идентитет и од нашиот генетски код.

Чинот на уважување и почитување на јазиците покажува еден европски, цивилизиран и напреден начин на функционирање во светот.

Aлбанскиот јазик не е мој мајчин јазик, но албанскиот јазик е мој братски јазик.

Тука сме на годишнината од создавањето на албанската азбука во 1908 година. Со завршувањето на Битолскиот Конгрес, започнува користењето на стандардизираната албанска азбука а започнува со работа и првата печатница која ќе ги печати првите дела со албанска азбука, меѓу кои буквари, читанки и неделникот „Башкими и комбит“.

Со 36 латински букви, албанската азбука таква каква што е усвоена на овој Конгрес, се користи и денес. Со ваквото стандардизирње се пишуваат многу дела на албански јазик, но и многу меѓународни дела се преведуваат на албански јазик, што придонесува за одличен развој на писменоста и образованието, и поврзување со другите народи.

Битолскиот Конгрес се смета за еден од најзначајните културни настани во историјата на Албанците. Тоа е ден-темел на албанските идентитетски карактеристики. Тие идентитетски карактеристики се толку силни, што верувам дека нема човек меѓу нас тука присутните кој не ги знае наизуст. Во една недела, помеѓу 14 и 22 ноември 1908, сите важни политички
 личности а под претседавање на претседателот на Конгресот, Митат Фрашери го заокружиле еден од најзначајните идентитетски карактеристики и ја усвоиле азбуката.

Наша должност, и како граѓани и како држава е да ги почитуваме и чуваме јазиците на сите заедници кои живеат во Северна Македонија. Нашето општество е познато по својот мултикултурен карактер но и по своите европски вредности во кои секоја различност е негувана.

Тоа не е само поради тоа што нашиот пат е трасиран кон Европа, туку затоа што нашата историја е полна со примери во кои токму таквите вредности се живеат. Сеедно дали говориме за историскиот Крушевски манифест или сегашното „Едно општество за сите“ или целата низа на случувања и концепти кои промовираат чување и заедништво меѓу народите кои живеат тука. Ова поднебје секогаш живеело во толеранција и разбирање.

Нашата приказна секогаш била на правилната, вистинската страна. На страната на почитувањето и меѓусебното прифаќање со сите народи кои тука живееле и ќе живеат. На тоа мислиме кога велиме дека сме со европски манир и дух.

Tој европски манир и дух влијаеше и ја даваше

сета поддршка од нашите заедници во сегашноста, кога истата беше неопходна за да се задржи нашиот европски пат без да се изгубат историјата, идентитетот и јазикот. Во тоа е силата на нашето бесценето заедништво кое сите заедно живееме.

Денес јас лично како прв од извршната власт, како Македонец, како граѓанин на мојата татковина, сум среќен што сите ние заедно се сплотивме на патот кон зачувување на мојот мајчин македонскиот јазик и за тоа ќе сум бескрајно блгодарен на сите кои помогнаа на тој пат. Кога преговаравме со ЕУ, до мене рамо до рамо седеше Бујар Османи. Јас и Бујар Османи на исти начин го браневме македонскиот јазик. На ист начин тој го почитува македонскиот јазик како што јас го почитувам албанскиот јазик.

Во тој контекст, би сакал да ве уверам дека постојано ќе се заложувам да ничиј друг мајчин јазик не се најде пред таков предизвик.

Мајчиниот јазик мора да го чуваме, да го славиме, да го негуваме за да стане бесмртен. А, за тоа да се случи треба да се погрижиме секој правилно и активно да го користи во своето секојдневие, низ државата и надвор од неа.

Доколку граѓаните не го говорат јазикот, тој избледува постепено додека не исчезне. Што е причина повеќе за ние како Влада да покажеме низ дела и да ги мотивираме сите а особено младите да ги користат што е можно повеќе и правилно мајчините јазици и да ги разиваат. Тие се алатки за чување и афирмација на духовното наследство на заедницата.

Ваквата мотивација доаѓа од државните мерки кои ги преземаме, но доаѓа и од одбележувањето на нашите традиции и датуми кои не потсетуваат за значењето на чувањето, и на своето и на различното од нашето. Само така може да продолжиме да градиме единство со европска иднина. Само така постигнуваме просперитет.

Во тоа се гледа посебност на нашето општество. Нека е честит Денот на Албанската азбука“, рече премиерот Ковачевски.