Ковачевски: Никој нема да биде оставен сам во услови на криза, антикризните мерки имаат ефект

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска учествуваше на седницата на македонското Собрание и притоа во одговор на пратеничко прашање се осврна кон антикризните мерки кои Владата ги усвојува со цел да им помогне на граѓаните во услови на светска економска и енергетска криза. Притоа премиерот рече:

„Јас постојано повторувам дека никого нема да оставиме сам да се справува со последиците од економско-енергетската криза, во која што се најде и Европа и нашата држава. И сите заедно ќе ја пребродиме затоа што Владата одговорно и навремено интервенира со потребните мерки за поддршка за граѓаните и компаниите и продолжуваме будно да ја следиме состојбата и за тоа да ги информираме граѓаните. Јас пред да дојдам на денешниве пратенички прашања, заедно со министерот за економија имавме 60 минути прес-конференција со медиумите, токму на тема енергетска криза и најновите мерки кои што ги воведовме за секторите во државата. Во оваа насока се и неодамна донесениот нов пакет антикризни мерки во вредност од над 360,2 милиони евра. Заедно со претходниот сет мерки кој што беа донесени веднаш по стапувањето на функција на оваа Влада, тоа се вкупно 760 милиони евра антикризни мерки.

Новиот сет мерки го донесовме по длабоки и долги анализи и дискусии со сите заинтересирани страни и затоа сметаме дека се сеопфатни и дека се таргетирани кај оние кои што имаат најголема потреба“, потенцираше Ковачевски.  

„Од една страна, нашата, мојата цел за оваа зима е да ги искористиме максимално ресурсите со кои располагаме, контактите со нашите пријатели од Европа, од регионот, контактите со најблиските соседи и да го исполнуваме нашиот план за обезбедување ресурси и пред сé електрична енергија за семејствата, за училиштата, за болниците, за претпријатијата. Од друга страна, усвојуваме таргетирани мерки кои ќе бидат поддршка за најранливите граѓани, што од друга страна е и препорака на меѓународните финансиски институции.

Во исто време, се трудиме да изнајдеме начин како она што веќе е поддршка за граѓаните и компаниите, да го продолжиме и понатаму за да обезбедиме сеопфатен пристап.

Така, со овој ребаланс на Буџет кој што беше усвоен во изминатиот период, се осигуравме дека ќе се продолжи со мерките како што е повластената даночна стапка од 5% за прометот со електричната енергија кон домаќинствата, а исто така продолжи и програмата за енергетска сиромаштија со која парично и директно помагаме 4.000 семејства и им обезбедуваме намалени сметки за потрошената електрична енергија или огрев при што овие семејства добиваат до 200 евра помош во текот на годината. Продолжува финансирањето на општините за енергетска трансформација и воведување на обновливи извори на енергија во износ од 10,5 милиони евра преку Министерството за финансии.

Дополнително го одложуваме воведувањето еколошката такса, што е планирано намалување на приходите на Буџетот до 25 милиони евра со цел да не направиме дополнително отпретување на компаниите.“

Меѓу другото премиерот Ковачевски даде и детален одговор на прашањата како да им се помогне и на компаниите кои имаат зголемена потреба од енергенси и рече:

„Компаниите ги ослободуваме од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување. Кој што се дополнителни 26 милиони евра олеснување сé со цел да ја задржиме нивната ликвидност.

Поволните кредити за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, во вредност од 100 милиони евра преку Развојна банка на Северна Македонија по принципот 1+2 продолжуваат и понатаму да обезбедуваат поддршка за компаниите.

Од април до сега ја субвенционираме пазарната цена на струјата и тоа со 80%. Што значи дека доколку не е тоа субвенционирање, граѓаните би плаќале 5 пати поголеми сметки од тоа што плаќаат. Истото се однесува и на 72 илјади компании на регулираниот пазар кој вработуваат 98% од работниците во државата.

Со буџетот кој што го менаџираме во текот на 2022 година, исто така издвоивме дополнителни средства за да до крајот на година имаме субвенционирање на цената на електричната енергија, а така ќе продолжиме и идната година според проекциите во новиот Буџет кој што е ставен на разгледување пред вас. За да може сето ова да се случи, одвоени за целата година ќе се вкупно над 222,7 милиони евра. Средства кои што ги пренаменивме да не бидат потрошени за нешто што било планирано, а не мора да се троши, туку да се потроши за субвенционирање на граѓаните во овие кризни услови. Нема коли за функционери на Владата, нема дополнително трошење на електрична енергија и гледате дека Владата има, институцијата која што јас ја водам 32% заштеда на електрична енергија овој месец во однос на истиот месец минатата година.“

Премиерот Ковачевски зборуваше и за помошта која македонската Влада активно ќе ја спроведе за најранливите категории на граѓани и рече:

„Исто така, испланиравме во Буџетот зголемување на исплата на еднократна помош од 3.000 денари за примателите на гарантирана минимална помош, а тоа се 36.000 домаќинства за чија поддршка е одвоено скоро 40 милиони евра.

Зголемување на пензиите согласно новата Методологија на пресметка на пензиите за над 330.000 пензионери се пресметани и во овој Буџет и во Буџетот за 2023 година. Во март ја усогласивме пензијата за 2,9%, потоа ја усогласивме во септември за 6,8% што е досега вкупно 10% зголемување на пензиите само во овие 10 месеци на оваа Влада. Со зголемувањето кое што ќе следи идниот март од претпоставени дополнителни 6% со оглед на параметрите влезни во Методологијата, тоа ќе биде историски најголемо зголемување на пензиите од 16% во една календарска година.

Оваа мерка предвидува во Буџетот 73 милиони евра кои што се наменети за пензионерите. Исто така продолжуваме и со субвенционирање на придонеси за поддршка на платите на вработените во приватниот сектор во вкупен износ од над 17 милиони евра при што компаниите кои што ги зголемуваат платите на работниците, добиваат субвенција во делот на исплатата на придонесите од страна на државата.

Обезбедување на средства за поврат на „мој ДДВ“ кај граѓаните во програмата „мој ДДВ“ со дополнителни 18 милиони евра, во време на криза, а исто така обезбедивме и забрзан поврат на ДДВ кај компаниите со цел да ја обезбедиме нивната ликвидност. Бидејќи сите ние добро се сеќаваме, без разлика кој од која партија, што работел во приватен сектор, 11 години како се правеше поврат на ДДВ во државата, ако не си на партиски список ДДВ никој не ти враќаше. Па, после Стопанска комора мораше да се собира во Александар Палас да го чека по 4 часа премиерот и кога ќе им каже дека можеби ќе ги врати парите да мора да му аплаудираат, тие времиња се завршени, нема такви времиња веќе. Автоматизиран е повратот на ДДВ, не е рачен кај МФ на бившиот премиер, кој што заедно седеа и викаа еве на оваа фирма врати ѝ ДДВ, на оваа не ѝ враќај, на оваа врати ѝ, на оваа не. И на крај го гледам истиот министер за финансии предавања држи на општините како ќе ги оправа. Ама треба ВМРО-ДПМНЕ да го има, како на ум и совет какви луѓе поставуваат да им креираат економска политика, пошто ги видоа резултатите самите најдобро, каков производ им дадоа.

Согласно овие препораки кој што ги имаме усогласени со меѓународни финансиски институции, со здруженијата на пензионери, со здружението на работодавци и т.н, обезбедивме со новиот пакет на антикризни мерки, 3.000 денари месечно, во наредните 4 месеци или вкупно 12.000 денари за скоро 42.0000 граѓани од најранливите категории. Бидејќи ова не е време на изобилство, ова е време на солидарност и тоа се лица кои имаат право на социјална сигурност, лица кои го користат правото за попреченост, родители на децата со попреченост до 26 годишна возраст кои користат право на посебен додаток, лицата со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице, лицата со потешки трајни промени во здравствената состојба, самохрани родители корисници на ГМП, како и невработени лица. За оваа мерка вкупно се издвоени над 8 милиони евра.

Директна финансиска поддршка од вкупно 6.000 денари во наредните 4 месеци, по 1.500 денари месечно има и за пензионерите кои земаат до 11.525 пензија. Воедно, директна финансиска помош од вкупно 3.000 денари обезбедивме за пензионерите кои земаат пензија од 11.525-14.000 денари. И ова беше поздравено од здружението на пензионерите и партијата на пензионерите, бидејќи тие најдобро знаат дека сега е време за солидарност, а не време на изобилие, кога треба оние што имаат најмалку, да добијат најголема помош од државата.

Изминатиот период беа донесени мерки со кои обезбедивме поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите од преработувачката индустрија за да ги намалат цените за најмалку 10% и од 95 мегават/час за сите образовни институции во државата, основни и средни училишта за да обезбедиме непречено снабдување со електрична енергија и образовен процес, исто се однесува и за здравствените установи“, информираше премиерот Ковачевски.