Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска во одговор на пратеничко прашање рече дека тутунот е наша стратешка извозно ориентирана гранка и во изминатите пет години бележи стабилно и одржливо производство, а Владата обезбедува мерки кои даваат позитивни резултати.
“Законски откупот треба да почне најдоцна до 15-ти декември, годинава откупот на тутунот од реколтата 2022 годинава започнува од понеделник и можам да кажам дека според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, годинешниот откуп стартува со позитивни бројки од аспект на планирано количество на откуп и откупна цена на тутунот.
Динамиката за откуп е многу поголема во споредба со претходната година и согласно Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, откупот на тутунот произведен во тековната година започнува во сите откупни пунктови кои се пријавени најдоцна до 15-ти декември во тековната производна година и завршува најдоцна до 28-ми февруари во наредната година (односно најдоцна до 31-ви март за вишок на произведен тутун на договорените површини за производство на тутун).
Оваа година откуп на тутун ќе вршат десет компании кои се пријавени на 200 откупни пунктови низ државата.
Податоците покажуваат дека ова година има повеќе склучени договори за откуп за разлика од претходната година. За реколта 2022 година склучени се 29.653 договори што е за 7% повеќе од лани кога биле склучени 27.712 договори. Пораст има и кај договорената површина каде што има зголемување за 14,14 %.
Оваа година се очекува да се откупи 21.000 тони тутун што е за 12,5 % повеќе од лани кога се откупиле 18.662 тони тутун. Се очекува тутун со подобар квалитет во однос на минатата година.
Во однос на откупната цена, со задоволство можам да кажам дека просечната откупна цена на тутунот во моментот е 252,80 ден/кг или во однос на 2021 година е за 26,12% (200,44 денари/кг) повисока. Последните 5 години имаме историски највисоки откупни цени на тутунот. Споредено со 2014 година откупната цена била 117, 20 денари за килограм, за оваа 2022 година, цената е повисока за 115,7 %. Така да сами можете да направите најдобра споредба како изгледа откуп кој што е планиран, кој што е регулиран и каде што не оди едно лице кое што е познато како „ми текна“ на пунктовите да кажува на овој ќе му го земеш тутунот, на овој нема да му го земеш тутунот.
Тутунот е наша стратешка извозно ориентирана гранка и во изминатите пет години бележи стабилно и одржливо производство. Сите овие статистички и релевантни податоци кои ги кажав, се показател за една работа, а тоа е дека мерките кои што оваа Влада ги презема за оваа стратешка извозна гранка, даваат позитивни резултати.
Мерките кои што континуирано ги носиме во координација со Mинистерството за земјоделство како што беше новиот модел за зголемени субвенции за тутунот според кој субвенцијата за прва класа е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи, ги мотивираат тутунарите да произведат повеќе и поквалитетен тутун, за да остварат повисока субвенција.
Според последните податоци од Платежната агенција за реколтата 2021 се исплатени над 21 милиони евра (1.287.867.387,00 денари) за субвенции за тутун на 17.245 лица.
Паралелно со новиот модел за субвенции, се донесе и нов Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи, со кој што се решија отворените прашања кои го оптоваруваа производството и откупот на тутун, односно се укинаа евидентните листови, се изврши усогласување на календарот на активности со роковите за пријавување на производството на тутун.
Покажавме што значи сериозна посветеност на една држава кон земјоделските производители и кон една цела земјоделска гранка, како што е тутунопроизводството.
За да ги амортизираат последиците од кризата предизвикана од КОВИД пандемијата, покрај субвенциите, со заклучок на Влада го задолжи Тутунскиот комбинат да го откупи вишокот од реколтата 2020 за што се обезбедија 100 милиони денари преку КОВИД Програмата. Исто така, во овој процес беа вклучени и дел од приватните откупни претпријатија.
Дополнително, се обезбедија 300 милиони денари во рамки на пакетот поддршка за намалување на последиците предизвикани од КОВИД-19, за исплата на 19.060 тутунопроизводители. На оваа финансиска поддршка и претходеше исплата на субвенции за произведен и предаден тутун во висина од 1,7 милијарди денари со што владината поддршка за тутунопроизводството лани во година на светска здравствена и економска криза изнесуваше два милијарди денари.
Тутунопроизводството е значајна гранка, од која егзистираат околу 20.000 семејства и носи девизен прилив од околу 120 милиони евра годишно, што за нас е доволен поттик да бидеме фокусирани на развојот на оваа гранка. (Во 2020 извезено е 24.000 тони, а во 2021 се извезени 30.000 тони). Производството се зголемува, откупната цена расте и субвенцијата расте. Тоа е заклучокот од ова што кажав.
Од формирањето на оваа Влада и јас како премиер, во координација со министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, презедовме навремени и конкретни мерки за земјоделците да имаат помали трошоци и да ги мотивираме да произведат повеќе.
За прв пат, донесовме Национален план за производство на храна, кој содржи конкретни мерки за поддршка на овој важен сектор во време на криза и планот веќе се реализира. Планот содржи мерки за зголемено производство на домашна храна, за увозна независност, мерки со кои ги поттикнуваме земјоделците максимално да ги искористат сите ресурси, секоја педа обработливо земјоделско земјиште, за да произведат повеќе.
Планот вклучува и Интервентна програма за кој што со двете одвојувања вкупниот износ на интервентната програма изнесува 900 милиони денари. Мерките од оваа Програма веќе се реализираат и истата се дополни со мерки за есенската сеидба. Паралелено, обезбедена е фиксна директна финансиска поддршка за сите земјоделци и за сите култури по обработлива површина, а преку дополнителни мерки ги помагаме стратешки важните култури за производство на стратешки прехранбени производи. За сите земјоделци обезбедивме поддршка од 50% за покривање на трошоците за набавка на зелена нафта за да имаат поекономично производство. Со законски измени веќе обезбедивме можност поддршката за зелена нафта да биде 100%.
Со новиот пакет антикризни мерки за справување со енергетската криза вреден 360 милиони евра, планирани се субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор, за зголемување на приносите, на продуктивноста, за поголема конкурентност и амортизирање на ценовните притисоци за основните прехранбени производи, во износ од над 52 милиони евра.
За прв пат ресорното министерство подготви нов модел за распределба на земјоделските субвенции, кој што ќе значи решавање на сите долгогодишни проблеми на земјоделците, брз систем за исплата на субвенциите кон земјоделците и спречување злоупотребите и сивата економија.
Конкретно, досегашниот систем според кој земјоделците добиваа субвенции без да прикажат дека оствариле производство, се заменува со нов „decoupling систем“. Со новиот модел, ги мотивираме земјоделците да произведат повеќе храна. Во тој контекст, дополнителна поддршка добиваат оние земјоделци кои ќе се насочат кон производство на стратешките култури, со користење на сертифицирано семе и производот ќе го предадат кај регистрирани капацитети или земјоделски задруги.
Дополнителна поддршка е предвидено и за земјоделците кои од своето производство создаваат финален производ за продажба.
Со овој нов модел земјоделците добиваат авансна исплата на субвенциите, која што ќе им биде исплатена во тековната година кога конкурирале за субвенцијата, односно тогаш кога им се најпотребни пари за да можат да ја започнат новата реколта, но и да имаат одржливо земјоделско производство.
Ова е само прва фаза од реализацијата на новиот „decoupling систем“ за распределба на земјоделските субвенции. Оваа година се применува за овоштарството, а веќе од следната година ќе бидат опфатени сите земјоделски гранки.
Напоменувам дека со новиот модел не е предвидено намалување на средствата наменети за земјоделците, туку нивна поефикасна прераспределба, побрза исплата, што значи планско и одржливо производство, од што бенефит ќе имаат и земјоделците и државата“, рече Ковачевски.