Ковачевски: Намалување на цените на основните прехранбени производи е очекувано со успешните антикризни владини мерки

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска во Штип ја посети фабриката за масло „Брилијант“ чие производство е рестартирано од страна на АД „Витаминка“. Во овој период на тешка економска криза домашните капацитети за производство на основни прехранбени производи меѓу кои и маслото за јадење, се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштитат граѓаните.

Во продолжение е изјавата на премиерот Ковачевски, пренесена во целост:

„Денеска сме во посета на фабриката за производство на масло за јадење „Брилијант“ во Штип и овој производител покрива значаен дел од пазарот на масло за јадење во нашата земја.

Со рестартирањето на производството на „Брилијант“, од страна на нашата реномирана компанија „Витаминка“, овој производствен капацитет влезе во нова фаза од своето работење и отвори нови перспективи за развој.

Така, оваа инвестиција добива многу поголемо и пошироко значење, а за „Витаминка“ значи можност за развој и освојување на нови пазари.

Во овој период на тешка економска криза домашните капацитети за производство на основни прехранбени производи меѓу кои и маслото за јадење, се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштити животниот стандард на граѓаните.

Токму во таа насока Владата изминатиот период донесе одлуки за повластена тарифа на електрична енергија пониска од берзанската, со што влијаеме на намалувањето на цените на основните прехранбени производи.

Според податоците кои ги објавивме неделава вкупно 518 субјекти, од кои 235 производствени капацитети на основни прехранбени производи се пријавија за снабдување со електрична енергија со пониски цени преку „ЕСМ Продажба“ и тие ќе бидат снабдувани со струја по цена од 85 евра за мегават час, која треба да влијае на намалување на цените на основните прехранбени производи.

Од 1 декември оваа година треба да ги видиме првичните резултати на пазарот од оваа мерка. Воедно  очекуваме да продолжи намалувањето на цените во интерес на потрошувачите, и според сите параметри реално е да очекуваме намалување за најмалку 10%.

Ќе ја искористам оваа прилика да повторам дека никој нема да биде оставен сам да се справува со последиците од кризата оваа зима и дека институциите посветено работат на изнаоѓање на решенија за предизвиците кои се а наметнаа за економската и енергетската криза.

Исто така, би напоменал дека за компаниите од прехранбениот сектор најважно е да имаат домашна суровина, затоа ставаме силен фокус на зголемување на примарното земјоделско производство. Конкретно во случајот на домашното производство на сончоглед. Обезбедивме и продолжуваме да обезбедуваме во иднина навремена исплата на субвенциите и други мерки за зголемување на површините за производство на земјоделски производи.

И оваа година пред почетокот на новата сеидбена сезона за сончогледот ги исплативме субвенциите, за да можат земјоделците навреме да сеат, за да имаат пари за производствените трошоци. Платежната агенција исплати над 450 милиони денари субвенции за полјоделски култури меѓу кои и за сончогледот и маслодајната репка на над 24.000 земјоделци.

Во ова време на глобална криза навремено и неселективно даваме финансиска поддршка за земјоделците, им помагаме кога е најпотребно, го стимулираме земјоделското производство, даваме поддршка за развој и обезбедуваме сигурност и за земјоделците и за преработувачите.

Во таа насока е и новиот модел за распределба на земјоделските субвенции, кој што ќе значи решавање  сите долгогодишни проблеми на земјоделците, брз систем за исплата на субвенциите и спречување злоупотребите и сивата економија.

Конкретно, досегашниот систем според кој земјоделците добиваа субвенции без да прикажат дека оствариле производство, се заменува со нов „decoupling систем“. Со новиот модел, ги мотивираме земјоделците да произведат повеќе храна, нешто што е многу важно во услови на светска економска и енергетска криза.

Како што реков, струја, енергенси и храна, мора да има, за сите. И на тоа секојдневно и активно работиме, и така и ќе биде и во иднина.

Исто така сакам да истакнам дека „Витаминка“ е еден од нашите најзначајни производствени капацитети во делот на основните прехранбени производи и сакам да се заблагодарам за соработката која што ја имавме со менаџментот на фабриката како Влада. Особено во месеци март, април и мај оваа година кога знаете дека постоеја забрани за извоз на основни суровини од страна на земјите од регионот, меѓутоа низ контакти кои што ги правевме и ние како Влада и јас како претседател на Влада со соседна Србија, менаџментот на компанијата, успеавме да обезбедиме суровини доволно за да може да се задоволи домашниот пазар.

Исто така сакам да истакнам дека фабриката Витаминка е една од далекугледите фабрики во нашата држава и тие веќе имаат инсталирано фотоволтаични централни во рамки на своите капацитети при што 30% од потребите на струја ги задоволуваат од сопствено производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Тоа е за пофалба и пример за сите други производствени и услужни капацитети во државата.

Врз основа на такво управување со компанијата, навистина вешто во услови на криза и се она што Владата го правеше веќе сме сведоци дека онаа максимална цена која што беше достигната за маслото за јадење од 152 денари е доведена, спуштена е на ниво од 113 денари. Исто така треба да бидеме свесни дека во финалната цена на рафинираното масло за јадење голем удел има цената на суровината а цената на суровината е исклучително погодена од војната која што се води во Украина со нападот на Русија врз Украина. 35% од светското производство на основни суровини кои ги користи „Витаминка“ се произведуваат во Украина и неможноста да се направат посеви во Украина заради константите ракетирања на целата територија во Украина влијае на зголемување на берзанските цени и на сончогледот и на пченицата и на сите други основни суровини потребни за прехранбената индустрија.

Од тие причини сакам да искажам почит кон менаџментот на „Витаминка“ и на сите други производствени капацитети за основни прехранбени производи во државата и на сите нивни вработени.

За крај би сакал да им посакам уште многу успеси на менаџментот на „Витаминка“, на „Брилијант“ чиишто и менаџери и вработени ме запознаа со овој високо софистициран и навистина на врвно светско ниво процес. Да им посакам уште многу инвестиции и успех во развојните планови.“