Грковска: Во спортот постојат многу голем број на случаи на родова нееднаквост

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска присуствуваше на промоцијата на анализата „Родова еднаквост во спортот во Северна Македонија“, подготвена од  UN Women.

„За жал, како и во многу други општествени сфери, и во спортот постојат многу голем број на случаи на родова нееднаквост и родова дискриминација. Родовата нееднаквост за мене, да бидам искрена е една од најфрустрирачките категории со кои се занимава денешницата.

Живееме во ера на технологија, дигитализација, вештачка интелигенција, а сè  уште некако најтешко ни оди да го промениме човечкиот мајндсет.

Како заменичка на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, но и како жена борец за родова еднаквост, која силно се противи на дискриминација по било каков основ, можам со сигурност да посочам дека секогаш ќе се залагам за еднаков и фер настап и на мажите и на жените“, изјави вицепремиерката Грковска.

Вицепремиерката изјави дека оваа Анализа, која е прва од ваков тип во нашата земја, во иднина ќе претставува важен документ, за работењето и постапувањето во оваа област, особено во насока на елиминирање на родовата нееднаквост во спортот.

Според вицепремиерката Грковска, настанот е од исклучително значење, бидејќи ќе биде поттик сите релевантни чинители да го дадат својот максимум во процесот на креирање, прилагодување и имплементација на современите стандарди и нивно интегрирање во рамките на националното законодавство.

На настанот на кој беше презентирана Анализата, со свој поздравен говор се обратија и Весна Ивановиќ Кастаред, раководителката на канцеларијата на UN Women во земјава, Даниел Димевски од Македонскиот олимписки комитет, и Микаел Атерхог од Шведската амбасада, а присутни беа и главните чинители од областа на родовата еднаквост во земјата, како и претставници од спортската сфера.