Од прес-конференцијата на портпаролите: Одлука да се поништи одлуката за прием на Онишченко во државјанство; Одлука за користење средства од Посебниот фонд

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на 106 седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите.

Портпаролите информираа дека на вчерашната седница Владата на Република Северна Македонија одлучи да се поништи одлуката за прием на Олександр Онишченко во државјанство на Република Северна Македонија.

Владата ја донесе одлуката откако го разгледа известувањето од Министерството за внатрешни работи, во коешто се информира за можноста за одземање на веќе дадено државјанство, што беше побарано од страна на Владата, на претходна владина седница.

Притоа Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да постапи веднаш по донесената одлука за поништување на одлуката за прием на Онишченко во државјанство на Република Северна Македонија.

На прес-конференција портпаролот Хоџа истакна дека на вчерашната седница Владата донесе Одлука за користење на неискористените средства од Посебниот фонд за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидните лица и за финансирање на мерки за вработување на евидентирани невработени лица, откако во врска со ова, беше разгледана Информацијата од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.

„Од Посебниот фонд се предвидени 130 милиони денари, кои ќе се користат за финансирање на активни програми и мерки за вработување на евидентирани невработени лица, односно за активните мерки: Поддршка за самовработување, субвенционирање плати и Вработување и раст на правни субјекти од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година“, рече Хоџа.

Околу медиумски интерес во однос на одземањето на македонското државјанство на Олександр Онишченко, дали ќе се побара одговорност од директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски и од лицата и институциите кои дале согласност за државјанство и дали ќе ја повлече неговата кандидатура за амбасадор на земјава во Франција, беше информирано дека Владата на Република Северна Македонија на последната седница, која се одржа вчера, донесе одлука за поништување на одлуката за прием на Онишченко во државјанство на Република Северна Македонија и истовремено го задолжи Министерството за внатрешни работи да постапи веднаш.

„Од тука дополнително сакаме да истакнеме дека во рамките на институциите се врши проверка односно истрага за да се констатираат пропустите при носењето на таа одлука. Очекуваме во најкус можен рок институциите да ја завршат истрагата и јавноста ќе биде благовремено информирана“, дополни Хоџа.