Грковска: Популизмот е најштетен за една демократија, треба храброст за да ја одржиш државата на вистинскиот пат и да ги спроведеш вистинските реформи

Политиките за добро владеење се основа за стабилноста на секоја држава. Доколку сакаме стабилност мора граѓаните да имаат доверба во институциите, да имаме администрација која ќе биде на услуга на граѓаните и да се создадеме систем кој ќе биде отпорен на корупција, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на панелот на тема „Кревки демократии“, што синоќа се одржа во Рим, во рамките на Конференцијата на високо ниво на тема „Перспективите на Балканот и Црното море 2022“, во организација на НАТО, НАТО Фондацијата за одбрана, како и италијанското Министерство за надворешни работи.

Вицепремиерката Грковска нагласи дека доколку имаме стабилни институции кои се транспарентни, ефикасни, професионални и отпорни на политичко влијание, но и правосуден систем отпорен на политичко влијание, тогаш ќе може многу полесно да се соочиме со сите предизвици на кои наидуваме, независно дали се надворешни или внатрешни.

„Во однос на напредокот на Република Северна Македонија морам да нагласам дека во последните пет години постигнавме многу. Од заробена држава станавме високо признаен и ценет меѓународен партнер, станавме земја членка на НАТО, ги почнуваме преговорите со Европска Унија. Но тоа сепак не е доволно. Имаме уште многу работа пред нас, доколку сакаме да изградиме стабилен и одржлив систем“, нагласи Грковска.

На панелот се разговараше и за меѓусоседските односи во регионот на Западен Балкан, при што вицепремиерката Грковска истакна дека на регионот и на Европа им требаат сојузништва меѓу прогресивните и луѓето со интегритет, кои се посветени да направат позитивни промени. Важно е, рече таа, да правиме сојузништва со граѓанското општество, со независните институции, бидејќи само така може да се оди напред.

„Популизмот е најштетното нешто за една демократија. Лесно е да си политичар и да го кажуваш само тоа што граѓаните сакаат да го чујат. Треба храброст за да ја одржиш државата на вистинскиот пат и да ги спроведеш вистинските реформи“, потенцираше Грковска.

На панелот се отвори дискусија и за дезинформациите како општествен проблем, при што вицепремиерката Грковска истакна дека е многу важно кај сите да се развива критичкиот ум, а особено кај учениците.