Пенов: Заедно со швајцарската Влада реализираме седум регионални проекти вредни 2,3 милиони швајцарски франци

Договори за финансирање на седум проекти за развој на планските региони во Северна Македонија потпишаа министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и швајцарската амбасадорка во земјава Вероник Улман, во рамките на проектот “Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – Фаза 2”.

-Вкупната вредност на проектите за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој е 2.377.277 швајцарски франци за седум плански региони, а Министерството за локална самоуправа самоуправа обезбедува 54% од средствата, а 46% поддржано од Швајцарија, рече Пенов.

Тој истакна дека проектите се одбрани во консултација со граѓаните од секој плански регион.

-Разговараме со амбасадорката да отвориме уште еден грант за планските региони, преку кој ќе се финансираат и проекти за енергетска ефикасност за општините, за да можат побрзо да се прилагодат на потребата за поголемо штедење на електрична енергија и за поефикасно функционирање. Ако има добри проекти секогаш ќе се најдат средства за нивно финансирање, со години ја имаме поддршката и од швајцарската Влада, рече Пенов.

Швајцарската амбасадорка во земјава Вероник Улман на настанот потенцираше дека планските региони во Северна Македонија имаат долга листа на потреби, но поставувањето приоритети, креирањето и финансирањето проекти кои имаат опипливи резултати и долгорочен добротвор во животите на луѓето остануваат како потешкотија за планските центри како и за регионалните совети.

„Предизвиците и проблемите се поголеми кога станува збор за одржливоста на овие влогови и инвестиции по завршувањето на проектите. Среќна сум што овие седум проекти кои се ко-финансирани од Министерството за локална самоуправа и Швајцарија беа успешно идентификувани од планските центри и регионалните совети.“ - истакна Улман.

Целта е преку финансирање на конкретни проекти од кои корист ќе имаат повеќе општини во регионот, да се решаваат прашања од регионално значење како што е опремување на регионалната противпожарна служба во Североисточниот плански регион и Изградбата на стационар за кучиња во Вардарскиот плански регион и други проекти.

Планирана е и реконструкција на домот за стари лица во Берово во рамки на Источниот плански регион и реконструкција на центарот за кардиологија во Охрид, како и фотоволтаични системи на јавни објекти во рамки на  Југоисточниот плански регион.

Во рамки на проектите ќе се реконструира Центарот за белодробни заболувања во Отешево, а ќе се реконструира и старото училиште во Кучково за Центар за рехабилитација на деца излекувани од карцином, во Скопскиот плански регион.