Османи на средба со грчкиот министер за енергетика Скрекас

Во продолжение на работната посета на Грција, министерот за надворешни работи Бујар Османи, оствари средба со министерот за животна средина и енергетика, Костас Скрекас.

Главна тема на разговорите беше продлабочувањето на постоечката соработка во енергетскиот сектор меѓу двете земји, со посебен фокус врз гасното поврзување, нашето вклучување во терминалот за течен гас Александропулос и диверзификацијата на снабдување со енергенси во контекст на актуелната криза. За да таквиот пристап биде успешен, беше нагласено во разговорите, потребен е заеднички пристап и широка соработка на земјите од регионот.

“Енергетската безбедност станува многу важен елемент на безбедносната агенда, особено по руската агресија врз Украина. Во таа насока, за време на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, меѓу клучните прашања е и енергетската безбедност и безбедноста на храната и водата за што е потребна поддршка и силна заложба на земјите членки на организацијата со цел ефикасно справување со предизвиците со кои се соочуваме” - истакна Османи.

На средбата беа дискутирани и разменети мислења за мерките кои ги преземаат владите на национално ниво, со цел справување со енергетската и економска криза.