Честит да е Денот на наставата на турски јазик - наставата на мајчин јазик е загарантирано право

Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод Денот на наставата на турски јазик во организација на Сојузот на граѓански организации МАТУСИТЕБ. На настанот на кој присуствуваше претседателот на Собранието на Република Турција Мустафа Шентоп, премиерот Ковачевски рече дека турската култура и традиција имаат огромен придонес во мозаикот на различности и во вредното културно-историско наследство на Република Северна Македонија, што го негуваме како бесценето богатство.  

Во продолжение е целото обраќање на премиерот Ковачевски:

„Чест ми е што сум тука на овој голем ден. 

Türkçe Eğitim Bayramı günü kutlu olsun.

Оваа честитка ви ја пренесувам свесен колку мојот македонски јазик ми значи мене, и колкава чест ми е кога кој било покажува почит и го уважува.

Јазикот не е само средство за комуникација, тој е дел од нашиот код, од нашиот идентитет. И затоа, со највисока почит и уважување гледам и на мојот мајчин јазик, но и на мајчините јазици кои ги зборуваат сите мои пријатели од сите народи со кои делиме еден дом, Република Северна Македонија. 

Ќе се послужам со зборовите на џинот Блаже Конески и ќе кажам „јазикот е нашата татковина“, затоа што преку овие зборови разбираме колку мајчиниот јазик е безвременски. Со овие зборови се потсетуваме дека мајчиниот јазик мора да го чуваме и да го негуваме за да стане и остане бесмртен. Правилно и активно да го користиме, и да ги мотивираме младите да гo користат што е можно повеќе. 

Токму затоа во нашиот Устав е загарантирано правото на образование на мајчин јазик, загарантирано е правото на образование на турски јазик. Ова е исклучително важно, затоа што на овој начин се овозможува еднаков пристап и најдобри можни услови за квалитетно образование и развој за секое едно дете, за секој граѓанин.

Нашето општество е мултикултурно, ние сме мултикултурна функционална демократија и тоа е нашата вистинска предност. Токму затоа наша должност како држава е да ги почитуваме и чуваме јазиците на сите граѓани кои живеат во Северна Македонија. Тоа е единствениот правилен, цивилизиран начин на функционирање.

Одбележувањето на овој голем ден е само симболика на ова наше секојдневие - меѓусебната почит која е основата за градење на здраво и стабилно оштество во кое има место за сите. Оваа земја е втемелена во толеранција и разбирање. Нашата приказна секогаш била на правилната, вистинската страна. На страната на почитувањето и меѓусебното прифаќање со сите народи кои тука живеат.

Ние како Влада го избравме вистинскиот пат на создавањето на едно општество за сите, во кое сите заеднички слободно и демократски ќе ја развиваме и градиме нашата држава.

Сето ова е продолжение на јасниот поглед на нашите претходници, кога на ова тло, во 1944-та година, во О.У. Тефејуз во Скопје, било овозможено да се продолжи со наставата на турски јазик, на новата турска латинска азбука.

Доказ за оваа наша посветеност како држава е и одлуката Денот на наставата на турски јазик да стане државен празник за граѓаните од турската заедница во нашата земја.

Турската култура, јазик и традиција имаат огромен придонес во мозаикот на различности и на вредното културно-историско наследство на Република Северна Македонија, што го негуваме како наше огромно богатство.  

Нашите сограѓани Турци заеднички со останатите граѓани рамноправно учествуваат во градењето на Република Северна Македонија од сите аспекти. Вклучени се во носењето на важни одлуки во сите институции во државата. Придонесуваат во економскиот раст и развој на државата и секогаш застануваат во одбрана на државните и стратешките интереси – секогаш кога е тоа потребно.

И денес заеднички настапуваме во заложбите за современа, економски развиена, евроатлатска Република Северна Македонија, дел од прогресивниот демократски свет.

Оваа прилика би сакал да ја искористам и да се заблагодарам на ТИКА која изминатите години воспостави одлична соработка со нашата држава. Оваа државна агенција досега има реализирано повеќе до 900 проекти со вкупна вредност од 60 милиони евра. Овие средства претежно се инвестирани во реконструкција и изградба на училишни објекти низ целата држава, но и во здравството и земјоделството. Со овие инвестиции и со огромна поддршка од нашата пријателска Турција обезбедуваме подобри услови за образование, здравствена заштита и економски развој на земјата.

Почитувани присутни,

Големиот Кемал Ататурк многу визионерски констатира дека наставниците се спасителите на нациите, затоа што само и единствено преку знаењето кои им го обезбедуваме на нашите деца ние обезбедуваме развој и напредок во општеството. А стекнатото знаење на мајчин јазик е начин како да се осигуриме дека секое едно дете ќе се стекне со најдобро можно разбирање за светот околу себе и со најдобро образование уште од најмала возраст.

Со оваа мисла го завршувам ова мое обраќање и ве уверувам дека Владата на Република Северна Македонија останува посветена на промовирање на заедништвото, на обезбедување квалитетно образование на мајчин јазик за сите, на обезбедување квалитетни услови во кои се одвива образовниот процес и на креирање еднакви можности и едно општество во кое има место за сите.

Ви благодарам и нека е честит празникот уште еднаш“.