Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес, преку видео-врска, одржа редовен годишен тематски работен состанок со шефовите на нашите дипломатско-конзуларни претставништва во странство - Амбасадорски совет.
Во своето воведно обраќање министерот Османи се осврна на клучните успеси на дипломатијата во 2022 - година, која ја одбележа руската инвазија врз Украина со сите импликации произлезени од неа од политички, безбедносни, економски карактер.
,,Годинава беше година на силни потреси и предизвици во меѓународните односи, на глобално и европско ниво, но и сериозно турбулентен период во рамки на нашиот регион. Северна Македонија, како членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ со отпочнати пристапни преговори, одбра конструктивен и проактивен пристап за справување со глобалните предизвици, наметнувајќи се како активен и доверлив НАТО сојузник, кредибилен партнер на Европската унија со целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика и стабилен меѓународен партнер, посветен на зајакнување на стабилноста и просперитетот на регионот." рече Османи.
Суштествен дел од Aмбасадорскиот совет беше посветен на насоките на дипломатското делување за следната година во контекст на главните надворешно-политички приоритети на нашата држава.
,,Од сите наши дипломатско-конзуларни претставништва, во 2023 година очекуваме засилен, организиран и координиран ангажман во исполнување на зацртаните надворешно-политички цели и активности", истакна Османи.
Пред амбасадорите и генералните конзули на Северна Македонија во странство, се обрати и претседателот на државата, Стево Пендаровски а ќе се обрати и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
На Амбасадорскиот совет се направи осврт на позначајните активности во 2022-та година, а се проектираа и активностите и проектите за 2023-та година.
Меѓу темите кои доминираа на овој традиционален состанок на Министерот за надворешни работи со шефовите на нашите дипломатско-конзуларни претставништва во странство беа: добрососедските односи и регионалната динамика, нашата ЕУ агенда, продлабочувањето на билатералните односи со европските држави, активностите во доменот на економската дипломатија, односите со нашите стратешки партнери, Стратешкиот дијалог со САД, сојузништвото во рамки на НАТО Алијансата, како и претседавањето со САД - Јадранската Повелба (А5), со Процесот за соработка во Југоисточна Европа и ОБСЕ претседавањето во нестабилниот геополитички контекст предизвикан од руската инвазија на Украина.