Ковачевски – Гир: Потребна е кохезија околу европската стратешка цел

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Дејвид Гир, шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата држава.

На состанокот е разговарано за актуелни прашања од значење за нашата држава, регионот и пошироко, во европски контекст.

Заеднички е констатирано дека 2023 година е значајна за Северна Македонија во однос на напредокот по европскиот пат, поради што е неопходна и кохезија околу реализацијата на оваа државна стратешка цел.

Оценето е дека геополитичката ситуација ја покажа потребата од јасна политичка ориентација на целиот Западен Балкан, каде што географски и припаѓа регионот. Дека за ова постои свесност и во Европската Унија и после 17 години од кандидатскиот статус и јулското отворање на преговорите лани, ова е момент што Република Северна Македонија годинава не треба да го пропушти.

Премиерот Ковачевски нагласи дека Владата работи на справувањето со предизвиците од економско-енергетската криза, на потребните реформи и со европски начин на однесување во добрососедските односи.

Претседателот на Владата, Ковачевски, изрази уверување дека нема да се дозволи, провокациите коишто доаѓаат од трети страни да наштетат на европската агенда на државата и на билатералните односи со Република Бугарија.

На средбата е разговарано и за досегашната успешна реализација на билатералниот скрининг со ЕУ.