Спасовски: Преку соработката со ОБСЕ до зајакнати капацитети на МВР во борбата против организираниот криминал и тероризмот

Денеска, (25.01.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со дел од раководството на МВР, Претседавач со ОБСЕ, министерот Бујар Османи и Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, во Полицискиот центар ,,Ѓорче Петров“ присуствуваа на настан од особена важност за Република Северна Македонија, организиран какво делот од активностите  на Претседавачот со ОБСЕ, при својата посета на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Имено, министрите Спасовски и Османи и амбасадорот Вал, остварија средба со учесничките  од Програмата за менторство за жени во полиција, спонзорирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а за време на посетата беше изведена и демонстрација на вежба од страна на Единицата за службени кучиња на МВР, припадниците од Одделот за специјални полициски операции, Одделот за воздухопловни единици, како и припадниците од Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал. Присутните имаа можност и да ги разгледаат градежните активности финансирани од ОБСЕ за  потребите на единицата за службени кучиња на МВР,  кои опфаќаат изградба на комплекс за тренинг на К-9 службени кучиња.

„Преку овој настан на дело се гледа успешната и докажана соработка што Република Северна Македонија ја реализира со Мисијата на ОБСЕ во Скопје,  посебно би го потенцирал и значењето на денешнава активност поради фактот што истата се организира во период кога нашата држава претседава со оваа организација, а денеска тука со нас е и мојот почитуван колега министерот Бујар Османи во својство на Претседавач со ОБСЕ”, рече министерот Спасовски.

Спасовски истакна дека имплементацијата на проекти и проектни активности е еден од елементите за успешната соработка која се реализира помеѓу МВР и ОБСЕ, а кои во голема мера придонесуваат за професионализацијата и успешно извршување на работните задачи на организациските единици во рамките на министерството.

„Тука пред сè би сакал да го споменам проектот „Поддршка на националните власти на Република Северна Македонија во намалување на ризикот од пролиферација и злоупотреба на малото и лесно оружје“ преку кои се реализирани активности во вредност од 1.890.000 евра и тоа во областите на Надградба на инфраструктурата на МВР преку градежни работи, подобрување на мобилноста на министерството со 14 специјализирани возила за K9 и 3 приколки, подобрување на  IT инфраструктурата, креирање на СОП-ови и прирачници за обуки, како и ангажирање на меѓународни и домашни експерти”, потенцираше министерот Спасовски, при што во делот на проектната соработка ги спомена Проектните активности за поддршка на МВР за ефективно спречување и истрага на транснационалните закани, за кои се реализирани активности во делот на обуки и зајакнување на капацитетите во делот на материјално техничкото работење, а од областа на поддршка на Демократското полициско работење, министерот Спасовски ги истакна спроведените проектни активности за примена на Демократските принципи на полициското работење и  Родова менторска програма и зајакнување на капацитетите во борбата против родово базираното насилство и проектот ,,Градење хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија”.

Заблагодарувајќи се во свое и во име на МВР за континуираната поддршка и успешна соработка, министерот Спасовски изрази уверување дека сите капацитети на Министерството ќе бидат ставени на располагање за продолжување и зајакнување на соработката со ОБСЕ.

„Проектите кои Мисијата на ОБСЕ ги имплементира се од голема корист за државата и претставуваат директна придобивка за граѓаните на земјата. Програмите на ОБСЕ се во согласност со приоритетните цели на Владата и претставуваат израз на партнерство, што е од голема вредност за сите страни”, истакна Претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи.

„Заедно со актуелниот претседавач со ОБСЕ, министерот Бујар Османи, се сретнавме со учесниците од Програмата за менторство за жени во полиција, спонзорирана од Мисијата, која беше дизајнирана да им помогне на полициските службенички да успеат во оваа професија во која доминираат мажи. За време на нашата посета, посведочивме и практична демонстрација на работата на Единицата за полициски кучиња, која ја поддржуваме. Нашата поддршка ѝ овозможи на Единицата да одговори побрзо на заканите со бомби и за прв пат да одговори на повеќе инциденти истовремено“, рече амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, заблагодарувајќи му на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за организацијата на денешниов настан.