Министерството за здравство ја промовираше мрежата за здравствени услуги

Министерството за здравство ја изготви мрежата на здравствени услуги која веќе од петокот е поставена на веб-страната на министерството и е доставена на усвојување до Владата на Република Македонија.

Мрежата претставува документ којшто определува кој треба да биде максималниот број на тимови по определни области во определни општини или региони во државата. Таа се однесува за трите нива на здравствена заштита, односно за примарната, секундарна и за терцијелна здравствена заштита и содржи податоци за актуелниот број на тимови и за тоа колкав треба да биде нивниот максимален број.

Според министерот за здравство Никола Тодоров, поради немање на еден ваков механизам за подобра дистрибуција на здравствените установи има општини или региони во кои е надминат максималниот број на тимови што треба да ги има, а во други има недостиг од нив.

- Постои сериозно лоша распределба на сите здравствени установи на територијата на Република Македонија како резултат на немање на ваков прецизен систем за распределба и дистрибуција на сите здравствени услуги или тимови за здравствена заштита, рече Тодоров на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека ова нема да значи затворање на здравствени установи онаму кадешто е надминат максималниот број, но оти во тие општини или региони ќе се воздржат од распишување на огласи за доделување на концесии.

- Ова нема да значи затворање на здравствени установи онаму каде е надминат максималниот број, меѓутоа сериозно ќе се воздржуваме од распишување на огласи за доделување на концесија на тимови во примарната здравствена заштита во тие општини, рече Тодоров.

Онаму пак каде има помалку тимови од максималниот ќе бидат распишувани огласи за доделување на концесии, но не веднаш и не со цел да се достигне максималниот број на тимови.

- Кога максималниот број е поголем од актуелниот тоа значи дека таму има простор за распишување на огласи за концесија, но тоа не значи дека Министерството за здравство мора да го распише веднаш овие концесии и веднаш да го пополни тој број. Ако тоа го направи оваа година, значи дека наредните години ќе нема простор за објавување на такви огласи, а тоа сериозно ќе влијае на паричните текови, односно на буџетите на здравствените установи или на Фондот за здравствено осигурување, нагласи Тодоров.

Документот е испратен до сите релевантни здравствени институции, а министерот Тодоров ги повика и сите оние што можат да дадат стручен придонес за подобрување на мрежата да го сторат тоа во слендите 10-тина дена.