Димовски: Зајакнувањето на ИТ капацитетите на Владата е наша континуирана заложба со цел гарантирање на сигурноста на податоците на граѓаните и индустријата

Генералниот секретар на Владата, Методија Димовски денеска, учествуваше на Првата работилница на имплементација на софтверски лиценци за виртуелна платформа – „ВМваре“ ( VMware), која се одржа во рамки на потпишаниот договор меѓу Владата и „А1 Македонија“, член на Групацијата А1 Телеком Австрија, провајдер за комуникациски и дигитални решенија во Централна и Источна Европа.

Во обемната дискусија на учесниците, претставници на „А1 Македонија“, како и експерти и претставници на регионалното раководство на „ВМваре“ преку примери од позитивна соработка во земјите од регионот, Србија, Хрватска, Словенија и други беа преставени погодностите од договорите за лиценца (Enterprise License Agreement) со компанијата „ВМваре’.

Преку овие договори се обезбедува набавка на софтверски производи по намалена фиксна стапка за одреден временски период. Вкупната набавка за сите институции во една нарачка обезбедува голем број на придобивки како пониски цени, кредити за тренинг на вработените во јавната администрација за менаџирање и имплементирање на лиценците, поддршка за целото времетраење на договорот од страна на производителот на лиценците со дедицирано лице за контакт и поддршка за имплементација и интеграција на софтверските лиценци и друго.

Генералниот секретар Димовски информираше дека на претходните средби со компанијата-лидер за софтвери и апликации за виртуелизација беа обезбедени целосни информации за постоечките лиценци со кои располага производителот „ВМваре“, по што службите во Владата направија целосна анализа  за реалните потреби на институциите во државата за потребите од ваков тип на лиценци.

Соодветно на проценките, пресметана е вкупната количина на лиценци кои би биле предмет на набавка. Набавката на софтверските лиценци ќе биде извршена согласно веќе постоечките позитивни примери во региониот, односно преку  Рамковна спогодба во која ќе бидат наведените максималните количини на лиценци кои би биле набавени.

Рамковната спогодба ќе биде со времетраење од 3 години, согласно која ќе се обезбеди целосна поддршка за сите институции кои ќе бидат вклучени во оваа набавка. Поддршката ќе подразбира помош со имплементација, интеграција, миграција и правилно селектрирање на бројот на потребни лиценци директно од страна на производителот, согласно моменталните и идни планови за развој на секоја институција одделно.

Димовски на денешната работилница истакна дека, Генералниот секретаријат на Владата  како Договорен орган ќе ја искористи можноста да направи набавка на лиценци согласно потребите на сите институции без обврска наведените количини да ги купиме во целост, туку набавката на истите ќе се врши согласно реалните потреби на секоја институција.

Денешната работилница, Димовски ја искористи да ја истакне потребата од зајакнување на ИТ капацитетите на Владата, како еден сериозно потребен безбедносен технолошки столб. Безбедноста на податоците и работењето, нагласи Димовски се главните цели на кои работи Владата со цел гарантирање на нејзиниот уддел во зачувување на податоците на граѓаните и индустријата.