Ристовски: Над 420 лица се самовработиле преку Програмата „Од идеја до бизнис“

Над 420 успешно реализирани бизниси е резултат од досегашната реализација на првиот циклус од владината Програма за самовработување „Од идеја до бизнис“. Во тек е вториот циклус на кој е предвидена можност за над 500 лица да си обезбедат работа преку отворање сопствен бизнис.   

Ова го изјави министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски по денешната посета на стоматолошката ординација „Драган Дентал“, отворена 2009 година со помош на оваа Програмата за самовработување како пример за нејзината успешност.

-  За првиот циклус имаше три пати повеќе апликанти од она што беше планирано, што значи дека мотивот и интересот кај граѓаните е значително голем и верувам дека и во вториот циклус ќе се следи истиот пример, рече Ристовски повикувајќи ги сите заинтересирани да аплицираат.

Според др. Драган Јовановски од ординацијата „Драган Дентал“ овој грант му овозможил да обезбеди хируршка опрема за поставување импланти, со што успешно го спроведува бизнис планот со кој аплицирал.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски појасни дека во првиот циклус имало над 2.900 апликации од кои 1.900 пополниле прашалници, а од нив потоа селектирани се 471 бизнис план кои во понеделник ќе бидат објавени од Агенцијата. 

- Грантот се добива во неповратна форма, односно во репроматеријали и опрема која што му треба на младото самовработено лице да го оформи својот бизис. После ова следуваат кредити кои се повратни, рече Поповски. 

Со Програмата за самовработување „Од идеја до бизнис“ се предвидува можност за самовработување со добивање грант од 3.000 евра за основање и реализација на сопствен бизнис. Овие средства може да се наменат и за набавка на опрема. Анализите покажале дека досега овој износ на средства кој се дава во форма на грант е сосема доволен, а постои и можност за кредитирање со дополнителни 3.000 евра за дооформување на бизнисот.