Ковачевски за МИА: Минхенската конференција ја покажа силната обединетост на НАТО, западните земји и ЕУ за зачувување на безбедноста на Европа

Премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за државната агенција МИА, зборуваше за заклучоците и впечатоците од Минхенската безбедносна конференција која се одржа изминативе два дена, а на која учествуваа повеќе од 450 носители на одлуки на високо ниво и истакнати светски лидери, вклучувајќи шефови на држави, министри, лидери на меѓународни организации и невладини организации, како и лидери од бизнисот и граѓанското општество. На конференцијата се зборуваше за најголемите предизвици на надворешната и безбедносна политика.

„Ми беше чест што ја предводев нашата делегација на Минхенската безбедносна конференција. Клучно прашање беше безбедноста на Европа и тоа во светло на војната која се води во Украина. Оваа Минхенска безбедносна конференција покажа неколку важни работи. Прво, дека НАТО, западните земји и ЕУ се пообединети од кога било. Второ, претставниците и на САД, потпретседателката на Америка и канцеларот Шолц и претседателката на ЕК, како и другите лидери од Европа искажаа недвосмислена поддршка на Украина бидејќи таму не се работи само за напад на една држава врз друга држава, туку се работи за напад на посилна врз послаба држава и дека доколку тоа не се спречи и не и се помогне на Украина, може да поттикне други држави, тоа да го направат во светот“, изјави премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за МИА, оценувајќи дека сите овие случувања ќе влијаат врз безбедноста на целокупниот демократски свет.

Премиерот Ковачевски истакна дека втората тема која беше исклучително важна е и сајбер војната која се води и која практично е и дел од војната која беснее во Украина на која се изложени сите држави, особено државите од западниот свет и се знае веќе од кои држави доаѓаат тие сајбер, хибридни напади.

„Исто така, се разговараше за помошта која треба да се даде на државите кои се справуваат со овие сајбер напади, ние сме една од државите кои се изложени на сајбер напади меѓутоа не и единствена. Ако ги погледнеме медиумите, ќе видиме дека со тоа се соочуваат и Црна Гора, па и Германија претходно, Србија и други држави. Тоа секако ја истакнува потребата од меѓународна соработка, а токму Минхенската конференција беше место каде што беа 450 претставници, лидери на државите, претставници на невладиниот сектор, истакнати поединци коишто дискутираа и разговараа токму на овие теми", рече премиерот Ковачевски.