Македонија опција за италијанските компании за надминување на предизвиците од кризата

Владиниот економски тим предводен од претседателот на Владата Република Македонија, г-дин Никола Груевски, во чиј состав се и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, министерот задолжен за привлекување странски инвестиции, г-дин Веле Самак, како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, г-дин Висар Фида, денеска на бизнис форум во Торино ги презентираше поволностите што ги нуди Република Македонија за странските инвеститори пред претставници на околу седумдесеттина заинтересирани италијански компании. 

Бизнис форумот беше организиран во соработка со Стопанската комора на Торино и на почетокот се обрати нејзиниот генерален секретар, г-дин Гвидо Болато кој ги повика италијанските компании да ги искористат можностите што ги нуди Република Македонија како атрактивна инвестициска дестинација. Тој посочи дека македонските инвестициски можности претставуваат опција за италијанските компании за сопствен раст со цел полесно надминување на предизвиците кои доаѓаат од економската криза.

Во своето обраќање премиерот Груевски ја изрази искрената и огромна благодарност за можност за продлабочување на соработката со претставниците на италијанската индустрија и трговија, токму во Торино, срцето на технолошкиот северозапад на Италија, градот на престижните италијански универзитети, градот со извонредно богата култура и историја.

Тој посочи дека и покрај проблемите кои глобалната економска криза и ги создава на италијанската економија, Торино и регионот Пјемонте покажуваат извонредна флексибилност и фасцинантна способност за диверзификација на постојните и развој на нови бизниси, не само во доменот на престижната автомобилска индустрија, туку и на полето на информациско-комуникациските технологии, биотехнологиите, авио-индустријата.

Потенцијалот на Торино лежи во неговото акумулирано знаење и претприемничкиот дух, за што сведочат силно разгранетите кластери и мрежи на истражувачки центри, како и големите инвестиции во истражување и развој, истакна Груевски.

Со оглед на економските потенцијали и одличните пријателски односи помеѓу Македонија и Италија, премиерот Груевски ја истакна увереноста дека постојат огромни неискористени можности за трговска и инвестициска соработка, и дека токму овој форум е вистинскиот чекор во насока на нивно идентификување, со потенцирање на сеопфатните и темелни реформи на бизнис окружувањето, кои ги спроведува Владата на Република Македонија.

Пред присутните италијански бизнисмени премиерот Груевски ги образложи главните перформанси на македонската економија, при што истакна дека повеќе години во континуитет таа се одликува со нагласена макроекономска стабилност и просечна стапка на инфлација од 2,1% во изминатите петнаесет години.

Во изминатите години спроведовме низа реформи во делот на пазарот на труд, како и активни мерки за зголемување на вработеноста. Во однос на јавните финансии, следиме политика на низок буџетски дефицит од 2,5% од бруто домашниот производ и владин долг во висина од 26,8% од БДП на крајот на првиот квартал од 2012 година, потенцираше премиерот.

Тој напомена дека еден од најголеми успеси е секако вбројувањето на Република Македонија во врвните три реформатори, согласно реномираниот „Doing Business“ извештај на Светската банка за 2012 година, при што Македонија сега се наоѓа на дваесет и втората позиција во светски рамки, меѓу 183 земји, и е највисоко рангирана во однос на било која транзициона економија од Југоисточна Европа.

Воведовме ниски и рамни даноци од 10%, ја ослободивме од оданочување задржаната добивка, етапно ги намалуваме социјалните придонеси за една третина. Во насока на намалување на административниот и регулаторниот товар за водење бизнис, во неколку фази беше спроведен и проектот регулаторна гилотина, со кој се поедноставија дел од прописите и се укинаа несуштинските обврски за бизнисите. Воведовме едношалтерски систем во царината и даночната администрација, донесовме мерки во делот со управување со градежно земјиште, со што е поедноставена постапката за градење, намалени се комуналиите, воведовме субвенции за тур-операторите, како и други реформи кои позитивно влијаат на бизнис климата во Република Македонија, - истакна премиерот во своето обраќање.

Почетните резултати од длабоките реформски зафати се видливи и мошне охрабрувачки, истакна тој во својот говор, посочувајќи дека и покрај анемичниот економски растеж на европскиот континент и генералниот пад на странските инвестиции, во последните две години Република Македонија им посака добредојде на инвестициите на американските корпорации „Џонсон Контролс“ и „Кемет електроникс“, германските компании „Кромберт и Шуберт“ и „Дрекселмејер“, швајцарскиот „Виндтек Интернешенел“, италијанската компанија “Технохозе”, а во моментот сериозен интерес за инвестирање покажуваат компании од Кина, Индија и Катар. Сето тоа претставува силна потврда дека сме на вистинскиот пат, на патот на економскиот просперитет, истакна премиерот Груевски. 

Пред присутните своја презентација имаше и заменик претседателот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски кој се осврна на можностите за инвестиции во енергетиката, особено во делот на малите хидроелектрани, потоа во доменот на индустриското производство, недвижностите, туризмот и земјоделството. Вицепремиерот Пешевски во својата презентација детално ги образложи и брзите процедури за водење бизнис како компаративна предност на македонската економија во однос на останатите земји, а воедно ги напомена и владините инвестиции во образованието и информатичките технологии како начин за создавање конкурентна работна сила. 

Исто така, свои презентации имаа и министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак, како и директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида.

На форумот присуствуваше и се обрати и градоначалникот на Град Скопје, г-дин Коце Трајановски. Тој изрази задоволството од денешното потпишување на Договорот за пријателство и соработка помеѓу Скопје и Торино кој што ќе го потпише со градоначалникот на Торино, г-дин Пјеро Фасино. При тоа градоначалникот Трајановски им посочи на претставниците на бизнис заедницата на Торино дека Скопје е отворен град за нивните инвестиции.

Попладнето владиниот економски тим заминува за Милано каде што во соработка со Стопанската комора на тој италијански град ќе се одржи уште еден бизнис форум, а потоа е предвидено и учество на работната вечера со претставници на повеќе италијански компании, што е во организација на Американската комора во Италија.