Почнува скрининг на карцином на дебело црево, набавени тестови за детекција на првите симптоми

Министерството за здравство почнува скрининг на карцином на дебело црево со кој се опфатени лицата со ризик фактори на возраст од 50 до 74 години односно лица кои во семејство имале заболени од карцином или се жалат на проблеми и крварења во столицата и други симптоми. Во Македонија годишно има над 600 новозаболени лица со рак на дебело црево.

Со цел порано дијагностицирање на ова малигно заболување кога се поголеми шасните за негово излекување, информира денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров, годинава првпат почнуваме со ваков скрининг за кој се набавени 108.000 ФОБТ тестови со цел детекција на првите симптоми изразени преку мало крварење во столицата. 

-  Со тестовите ќе бидат опфатени 36.000 пациенти (по три теста за секој пациент). Вредноста на тестовите изнесува 5,8 милиони денари. Во тек е дистрибуција на тестовите до матичните лекари кои имаат обврска да ги информираат ризичните пациенти за можноста за скрининг односно ќе ги советуваат пациентите со посочените ризик-фактори да направат тестови, истакна Тодоров.

Тој посочи дека тестирањето се врши во центрите за јавно здравје и во подрачните единици низ државата. Стручни лица од Центарот за јавно здравје, појасни Тодоров, ќе вршат анализа на доставениот материјал, за резултатот повратно ќе го известат пациентот и доколку има потреба ќе го упатат на консултација кај матичниот лекар.

- Сите пациенти кај кои ќе биде добиен позитивен наод ќе бидат упатени од страна на матичниот лекар на дополнителни испитувања за утврдување на причината за крварењето. Според податоците на центрите за јавно здравје, во Тетово и во Гостивар веќе се јавиле првите пациенти за анализа (36 веќе направиле тест), а во завршна фаза е дистрибуција на тестовите и во останатите градови во државата, рече Тодоров.

Министерството за здравство, нагласи тој, има донесено и посебна Програма за превенција на колоректален карцином, како дел од европската Стратегија за развој на здравството против ова заболување која е дел од резолуцијата за превенција и контрола на карцином усвоена од Светската здравствена организација. Целта на Програмата е намалување на морбилитетот и морталитетот на населението во Македонија од рак на дебело црево.

- Според статистичките податоци, ракот на дебелото црево е еден од најчестите малигни заболувања (12 отсто од сите малигноми), кој се јавува со инциденца од 15 до 30 нови случаи на 100.000 жители годишно. Докажано е дека ризикот од појава на заболувањето во текот на животот зависи од повеќе фактори, како што се возраста, начинот на исхрана/физичката активност, личната и фамилијарната предиспозиција и се движи од 5 отсто кај пациентите со просечен ризик до повеќе од 95 отсто кај пациентите со одредени наследни синдроми, додаде министерот Никола Тодоров.