Ковачевски на одбележување на 78 годишнината од основањето на Црвениот крст: Хуманоста и солидарноста да ја покажуваме на дело, да подадеме рака секаде и секому

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, присуствуваше и се обрати на одбележувањето на Денот на основањето на  Црвениот Крст на Република Северна Македонија, кој годинава одбележува 78 години од постоењето. 

Во рамките на одбележувањето на годишнината на Црвениот крст на Република Северна Македонија, се одржа и донаторска акција за собирање на помош за настраданите подрачја од катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија.

На настанот присуствуваа и министри во Владата на Република Северна Македонија, пратеници, претставници на дипломатскиот кор, претставници на меѓународни организации, претставници на локалната самоуправа, претставници на компании, како и поддржувачи на Црвениот крст.

Целта на денешната донаторска акција беше да се обезбедат вкупно 1 милион евра, што и се постигна, со што се заокружи хуманитарната помош за Турција и Сирија, за чии настрадани подрачја досега се обезбедени над 960.000 евра, а доставена е и хуманитарна помош во материјални добра во вкупна вредност од над 91.000 евра.

„Седумдесет и осум години хуманитарност, солидарност, пожртвуваност, издржливост, ублажување на страдањето на луѓето и пружање рака секаде и секому. А, со истото несебично залагање за овие трајни вредности, посакувам Црвениот крст да продолжи уште многу, многу години“, порача премиерот Ковачевски, во неговото обраќање за време на одбележувањето на седумдесет и осум годишнината од основањето на Црвениот Крст на Република Северна Македонија.

Тој потсети на досегашната помош за настраданите подрачја, нагласувајќи дека Владата издвоила близу 100.000 евра помош за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција, при што, повеќе институции биле задолжени за испраќање тимови со соодветна опрема, на кои им изрази благодарност.

Зборувајќи за општата поддршка на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, премиерот, исто така, потенцираше дека Владата донела одлука и за одобрување на буџетски средства за 2022 година, во износ од над 243.000 евра, како финансиска помош за делување при итни состојби. 

Додека, годинава, како што нагласи премиерот, Владата, донела одлука за финансирање на Годишната програма на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, за која е предвиден износ од над 130.000 евра, како и средства за обезбедување на трошоци за проектни активности, кои не се покриени од страна на донатори, во висина од близу 98.000 евра и средства во висина од над 32.000 евра за реализација на Проект за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за летен распуст 2023 година.

Премиерот Ковачевски упати повик до сите граѓани да се вклучат во денешната донаторска хуманитарна акција за помош на настраданите подрачја од земјотресите во Турција и Сирија.

„Мисијата на Црвениот крст на нашата држава е да работи на спречување и ублажување на човековото страдање, заштита на животот и здравјето, унапредување на социјалната состојба, обезбедување почит и достоинство за човековото битие, а особено во случај на несреќи и катастрофи, како и да го промовира меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности, како и да поттикнува доброволно ангажирање и постојано подготвување за давање помош, како и универзално чувство за солидарност и хуманост.

Ваквите заложби се нагласени во визијата на оваа хуманитарна организација, каде се вели дека таа делува, поттикнува и промовира хумани вредности за навремено да одговори на современите хуманитарни предизвици.

Последен таков предизвик беа земјотресите во Турција и Сирија, кои беа и повик до сите нас повторно да ја покажеме нашата солидарност и хуманост. Тоа го направија и граѓаните, компаниите, Црвениот крст, како и Владата на Република Северна Македонија“, рече премиерот, порачувајќи дека преку ваквите донаторски акции ја покажуваме солидарноста на дело.

Генералниот секретар на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, Саит Саити истакна:

„Денес несомнено работата на Црвениот Крст е порелевантна и попотребна од кога било, затоа што светот денес потсетува на брод кој плови по немирно море, со многу нееднаквости, експлоатирање, омаловажување, застрашување, војни, природни катастрофи и миграции на луѓе како резултат на економски, политички, социјални и климатски состојби. Основна причина која ги означува сите овие состојби е недостаток на хуманост и почит“, рече генералниот секретар на Црвениот Крст, Саит Саити, во обраќањето на годишнината од основањето на организацијата.

Потенцирајќи ја соработката со институциите, корпоративниот сектор, партнерите и донаторите во земјава и странство, Саити се заблагодари на сите оние кои се вложиле и ја поддржале организацијата.

„Хуманоста и солидарноста продолжуваат да бидат наша водилка и инспирација во обид да направиме позитивна разлика во животот на луѓето“, додаде Саити.

Амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок изрази благодарност за помошта на Република Северна Македонија за Турција.

„Обединети во едно срце, јавните институции, невладиниот сектор, бизнис заедницата, образовните институции, млади и возразни, сите помагаа за настраданите од погодените региони. Не може да ги вратиме назад изгубените животи...Но, со сета можна сила ќе работиме за закрепнување на раните на оваа природна катастрофа. Одново ќе ги изградиме разурнатите градови и училишта.

Вие ја споделивте нашата голема тага.

Вие, во Вашата моќна солидарност, воедно ја споделувате и надежта на турскиот народ за обновата на погодените региони. Турскиот народ со благодарност ќе се сеќева на Вашата љубов и солидарност“, порача амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок, во своето обраќање на годишнината од основањето на Црвениот Крст, во рамките на кој настан се организираше и донаторска акција за погодените подрачја во Турција и Сирија. 

 


 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, присуствуваше и се обрати на одбележувањето на Денот на основањето на  Црвениот Крст на Република Северна Македонија, кој годинава одбележува 78 години од постоењето.

Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:

„Почитуван генерален секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија,  Саит Саити

Почитувани министри во Владата на Република Северна Македонија,

Почитувани претставници на дипломатскиот кор,

Почитувани претставници на државни и јавни институции, 

Почитувани претставници на локалната самоуправа,

Почитувани претставници на компании, 

Почитувани граѓани, медиуми и гости на овој настан.

На почетокот сакам да го изразам моето сочувство за настраданите во земјотресите кои се случија во Турција и Сирија и да посакам побрзо оздравување на повредените во овие природни непогоди.

Голема благодарност за поканата да учествувам и да се обратам на денешниот настан со којшто се одбележуваат 78 години од постоење на една од најголемите и најстари хуманитарни организации во нашата држава, Црвениот крст на Република Северна Македонија.

Седумдесет и осум години хуманитарност, солидарност, пожртвуваност, издржливост, ублажување на страдањето на луѓето и пружање рака секаде и секому. А, со истото несебично залагање за овие трајни вредности, посакувам Црвениот крст да продолжи уште многу, многу години.

Мисијата на Црвениот крст на нашата држава е да работи на спречување и ублажување на човековото страдање, заштита на животот и здравјето, унапредување на социјалната состојба, обезбедување почит и достоинство за човековото битие, а особено во случај на несреќи и катастрофи, како и да го промовира меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности, како и да поттикнува доброволно ангажирање и постојано подготвување за давање помош, како и универзално чувство за солидарност и хуманост.

Ваквите заложби се нагласени во визијата на оваа хуманитарна организација, каде се вели дека таа делува, поттикнува и промовира хумани вредности за навремено да одговори на современите хуманитарни предизвици.

Последен таков предизвик беа земјотресите во Турција и Сирија, кои беа и повик до сите нас повторно да ја покажеме нашата солидарност и хуманост. Тоа го направија и граѓаните, компаниите, Црвениот крст, како и Владата на Република Северна Македонија.

Владата издвои близу 100.000 евра за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција, при што беа задолжени повеќе институции за испраќање на тимови со соодветна опрема и други видови помош за справување со последиците во погодените подрачја. Тука сакам да им се заблагодарам на сите наши припадници на војската, на докторите кои што беа дел од тимови, но и оние кои доброволно отидоа да им помогнат на граѓаните на Турција и Сирија.

При крајот на минатата година, донесовме одлука и за одобрување на буџетски средства во износ од над 243.000 евра на Црвениот крст, како финансиска помош за делување при итни состојби. Но,и како континуитет на нашата взаемна постојана поддршка и помош за исполнување на вашата визија и мисија-да се покажува хуманоста на дело.

За таа цел, во рамките на општата помош, годинава, донесовме одлука за финансирање на Годишната програма на Црвениот Крст, за која е предвиден износ од над 130.000 евра, како и средства за обезбедување на трошоци за проектни активности, кои не се покриени од страна на донатори, во висина од близу 98.000 евра и средства во висина од над 32.000 евра за реализација на Проект за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за летен распуст за 2023 година.

Работиме и на потребната поддршка на Црвениот крст, чија помош во Ковид пандемијата беше непроценлива, како и за помош на стари лица, бездомни лица, лица со посебни потреби, младински програми, како и за зголемување на поддршката и за унапредување на крводарителството. 

Природните непогоди не се непознати за нас. Вакви предизвици во минатото имаше многу. Скопје и сите наши граѓани го паметат ужасниот земјотрес од 1963 година, кога целиот град беше срамнет со земја и кога илјадници останаа без своите блиски и без своите домови.

Но, со меѓународна и светска поддршка и помош, се изгради ново, модерно Скопје, на темелите на разрушеното.

Ги паметиме и брановите стотици илјадници луѓе, кои од поблиското соседство, но и подалеку, од арапскиот свет, поминале низ нашата држава за време на бегалските и мигрантските кризи во изминативе години.

И повторно, како и во случајот со несебичната пружена помош за санирање на последиците од земјотресот во Скопје, успеавме да се справиме со бегалските мигрантски кризи со помош и поддршка од меѓународната заедница.

А сега, продолжуваме да ја покажуваме нашата солидарност на дело преку помошта која им ја обезбедуваме на настраданите подрачја во Турција и Сирија.

Добра е веста дека досега се собрани вкупно над 960.000 евра помош за настраданите подрачја, а целта е да се стигне до бројка од 1 милион евра. 

Повторно, во име на хуманоста и солидарноста, ве повикувам сите заедно, денеска, на овој настан со кој се одбележува Денот на основањето на Црвениот крст, уште еднаш да ја покажеме нашата хуманост со тоа што ќе се приклучиме во општата акција за донирање помош на настраданите подрачја од земјотресите во Турција и Сирија и ќе ја постигнеме целта од 1 милион евра донација.

Во заокружувањето на ова мое обраќање ќе потсетам на пораката на мисијата на првото движење за хуманост, што се формира во Женева, Швајцарија, по идеја на швајцарскиот трговец Анри Динан, кој бил сведок на ужасите од една битка во Италија.

Да го спречиме и ублажиме човековото страдање, како и да е, да го заштитиме животот и здравјето, да обезбедиме почит и достоинство за човековото битие, особено во време на вооружени конфликти, несреќи и катастрофи, да работиме на превенција на болести и унапредување на здравствената и социјалната добросостојба на луѓето, да поттикнеме доброволно ангажирање и постојано подготвени за давање помош, како и универзално чувство за солидарност и хуманост.

Јас од минатата година сум и формално волонтер на Црвениот крст на Република Северна Македонија и благодарам што ми дадовте шанса да сум меѓу вас, хуманитарците. 

Тоа е навистина посебно чувство. 

Ви благодарам, честитам на јубилејот и посакувам многу успешна работа во иднина.“