Време е да се врати довербата во правосудството, а јавните обвинители при спроведувањето на постапките и носењето на одлуките да постапуваат самостојно и независносно. Министерот за правда Кренар Лога во своето обраќање на Конференцијата „Подобрување на ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на јавното обвинителство” рече дека без видливост на работата и постигнатите резултати, без мерливи и квалитетни споредбени податоци кои се собираат и обработуваат, исто како во земјите членки на Советот на Европа и Европската унија, правдата ќе остане слепа и нема, а граѓаните нема да ја добијат уставно загарантираната заштита.
„Идните процеси на дигитализација, на отвореност и транспарентност за Јавното обвинителство се услов тоа да опстои. Во изминатиот период, иако со посредство и помош на нашите пријатели од меѓународната заедница беа организирани голем број обуки на луѓето од правосудството во земјата, а особено на судиите и јавните обвинители, отсуствува покривање на можеби најзначајниот дел од нивната работа а тоа е начинот на спроведување или имплементацијата на нивната независност и самостојност особено при спроведувањето на постапките и донесувањето на одлуките. Затоа, ве повикувам во иднина при спроведувањето на обуките да се стави акцент на самостојното, законитото непристрасното и објективното вршење на јавнообвинителската функција. Време е да тргнеме напред и да го поправиме угледот и кај домашната и кај меѓународната јавност и институциите“, рече Лога.
Министерот за правда Кренар Лога информираше дека од 1 јануари годинава, Министерството за правда даде насоки задолжително да се применува системот за управување со предмети во јавните обвинителства. Тоа ќе претставува алатка во извршувањето на основните задачи на Јавните обвинителства со која ќе се обезбеди чување на информации, следење и архивирање на предметите како и увид во нив во секој момент. Со него се обезбедува непрекинат проток на податоци, а основната цел е автоматизирање на процесите преку дигитализација и чување на документацијата обезбедувајќи висок степен на безбедност.