Од 140-та владина седница: одлука за замрзнување и намалување цени на хигиенски производи; меморандуми за разбирање со цел олеснувања и забрзувања на протокот на луѓе и стоки меѓу Северна Македонија и Србија

Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало.

Станува збор за тоалетна хартија, влажни марамчиња, пелени за деца и возрасни и хигиенски влошки.

Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 20 март 2023 година во трговијата на мало, коишто цени, според одлуката, се намалуваат за 13 проценти.

Највисоките цени на производите од оваа одлука ќе се применуваат до 31 мај 2023 година, а одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Според членот 29 став 1 алинеја 3 од Законот за трговија, според образложението од предлагачот, Министерството за економија, Владата може привремено да го ограничи вршењето на трговијата во случај нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки, а согласно наведеното, врз основа на членот 30 став 1 алинеја 2 од Законот за трговија, Владата може да ги определи највисоките цени за одделни производи и услуги во производството и прометот.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за Меморандум за разбирање помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија, за мерките за подобрување на движењето на лица и стоки преку заедничката државна граница и го прифати усогласениот текст на овој Меморандум.

Целта на Меморандумот, според предлагачот, Канцеларијата на претседателот на Владата, е заеднички да се разгледаат можностите и да преземат мерки за подобрување на движењето на луѓе и стока преку државната граница помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија, особено преку граничниот премин Прешево – Табановце.

Со Меморандумот, двете страни ги разгледуваат можностите за: проширување на пристапните патишта до граничниот премин, поставување или подобрување на сообраќајната сигнализација, воспоставување нови процедури за гранична контрола за забрзано преминување на патниците и проверка на лица и возила на граничниот премин.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за склучување Меморандум за разбирање - проект за електронска наплата на патарина – воспоставување интероперабилен електронски систем за наплата на патарина и го прифати усогласениот текст на Меморандумот.

Овој Меморандум, според предлагачот, Министерството за транспорт и врски е со цел да се поддржат напорите на Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за да се придонесе за исполнување на целите за слободно движење на луѓе, стоки, услуги, капитал и отворени граници, како и продолжување на развојот, модернизацијата и интеграцијата на патната инфраструктура на земјите од Западен Балкан.

Владата го разгледа и утврди текстот на предлогот на Закон за Академија за судии и јавни обвинители.

Донесувањето на овој Закон, според предлагачот, Министреството за правда, произлегува од потребата за реформа на судството во Република Северна Македонија, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, стратегиската цел на Република Северна Македонија за членство во ЕУ и потребата за остварување на преземените обврски за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во судството базирани на европските стандарди.

Новото законско решение е усогласување со препораките од Оценската мисија за судска обука од 2018 година и со него, меѓу другото се предлага реорганизација на приемен испит со цел подобро оспособување на кандидатите за успешно да учествуваат во обуката; намалување на роковите за поднесување и одлучување по приговори и жалби за резултатите од приемниот испит; редефинирање на начинот на полагање на завршниот испит врз основа на мерила и објективни критериуми за проценка на знаењата на кандидатите; зајакнување на начинот на спроведување на континуираната обука содржана како стратешка цел во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор.

Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители за прв пат е донесен во јануари 2006 година и досега е менуван неколку пати, но и со големиот број измени на постојниот закон, лоцирани се одредени слабости коишто претставуваат пречка за ефикасно функционирање на Академијата за судии и јавни обвинители. Поради оваа причина, оценето е дека е неопходно да се пристапи кон изработка на нов текст на закон, за да се избегне менување на повеќе од 80 проценти од одредбите од постоечкото законско решение.

Владата, на денешната седница, ја разгледа и усвои Предлог - одлуката за основање Национална установа „Центар за култура на турската заедница во Република Северна Македонија“ – Скопје и донесе одлука за основање на ваква установа.
Во образложението на предлагачот, Министерството за култура, е посочено дека во Република Северна Македонија работи и функционира само една национална установа којашто негува репертоар на којшто се застапени турски, македонски и светски драмски автори, а претставите се изведуваат на турски јазик со симултан превод на други јазици, односно само Националната установа Турски театар – Скопје, поради што е евидентен недостигот на културни институции за негување и афирмација на културните вредности од турската заедница во Република Северна Македонија.

Националната установа „Центар за култура на турската заедница во Република Северна Македонија“ – Скопје ќе има цел да ги негува, не само класичните уметнички форми, туку и постојано да ги следи и истражува модерните движења во сферата на културата и уметноста, со што на сите заинтересирани граѓани ќе им овозможи врвни културни и уметнички достигнувања.

Владата, на денешната седница, ја разгледа и усвои Информацијата за  потребата од линеарно зголемување на платите на работниците во Министерството за внатрешни работи, на предлог на Министерството за внатрешни работи.

Согласно заклучокот, Министерството за внатрешни работи ќе изврши линеарно зголемување на платите на вработените во Министерството во износ од 3086,00 денари по работник, во бруто износ, што ќе отпочне да се исплаќа со платата за месец март 2023 година.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за потреба од склучување Протокол за донација на воздухоплови (хеликоптери) помеѓу Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Украина и ја донесе Одлуката за донација на воздухоплови (хеликоптери) на Министерството за одбрана на Украина.

Владата на Република Северна Македонија го разгледа и прифати усогласениот текст на Протоколот за донација на воздухоплови помеѓу Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Украина.