Ковачевски за ТВ Пинк: Иднината на Западен Балкан е во ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, во интервју за српската ТВ Пинк ја потенцираше важноста за евроинтеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

Премиерот Ковачевски истакна дека друга алтернатива од ЕУ не постои за просперитетен, стабилен и безбеден регион. Тој нагласи дека иницијативата Отворен Балкан, Берлински процес, се базирани на европски вредности, бидејќи сите граѓани од државите на регионот имаат право да живеат и да соработуваат меѓу себе.

„Иницијативата се базира на четирите слободи за движење во ЕУ, на кои и самата ЕУ се заснова, а тоа е слободно движење на луѓе, капитал, стоки и услуги.

Ако ја гледаме само трговската размена меѓу Србија и Северна Македонија, таа е веќе на ниво од 1,1 милијарда евра. Апсолутно тоа е поради Отворен Балкан, тоа го кажуваат и самите компании", истакна премиерот Ковачевски во интервјуто.

Притоа премиерот Ковачевски истакна дека во последните десет години вратите на ЕУ се најмногу отворени за Западен Балкан во однос на тоа што биле порано.

„Воената агресија на Русија врз Украина ја стави пред одлука ЕУ во однос на нејзиното влијание и во однос на нејзината вклученост во процесите на Западен Балкан. Затоа гледате колкав е фокусот на ЕУ на решавање на сите отворени прашања коишто се дел од земјите на Западен Балкан", рече премиерот Ковачевски.