Достоинствено и со државни почести, под мотото „Писмото е нашиот универзум“, Владата на Република Северна Македонија, го одбележа државниот празник 24 Мај - Ден на сесловенските просветители светите браќа Кирил Методиј.
Во рамки на дводневното чествување на празникот, што се одржа во Охрид, колевката на словенската писменост, се одржаа настани, на кои учествуваше и говореше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски. На настаните присуствуваа претставници од владиниот и државниот врв, од дипломатскиот кор, од областа на политиката, образованието, науката, културата, како и од други општествени сфери.
Чествувањето на празникот започна на 23 мај со концерт на гудачкиот ансамбл „Антео“, во црквата Света Софија во Охрид. На концертот присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорката на „Охридско лето", Наташа Поповиќ, пратеници, професори, научници, лингвисти, книжевници.
На 24 мај, чествувањето продолжи со одржување на Панел дискусија со наслов „Македонскиот јазик во словенскиот свет", каде воведно обраќање имаше премиерот Ковачевски. Премиерот во своето обраќање посочи дека светите Кирил и Методиј се значајни за писменоста на сите словенски народи, како создатели на првото словенско писмо – глаголицата, од која потекнува и македонската писменост.
„Тоа што нас нè собира секој 24 мај и поради што сме денес, овде - се почетоците на македонската писменост, поврзана со дејноста на Охридската книжевна школа, првиот словенски универзитет во тоа време, основан токму овде, во Охрид. Како одговорна Влада кон ова свое богато културно и историско минато и кон својот народ, донесовме тешки, државнички храбри одлуки, со кои најнапред ги осигуравме територијалните граници преку членството во НАТО, а потоа ги зацврстивме и заштитивме нашиот јазик и нашиот идентитет преку почетокот на преговорите со Европската Унија, минатата година. Македонскиот јазик го заштитивме, обезбедувајќи го неговиот континуитет. Вистината за признанието на македонскиот јазик, потоа во Обединетите нации - и во Европската Унија, дојде со Договорот за ФРОНТЕКС, првиот ваков договор помеѓу Европската Комисија и Република Северна Македонија, на македонски јазик, без какви и да било ѕвездички или фусноти во тој договор“, порача премиерот Ковачевски на панелот.
Во чест на одбележувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, положија свежо цвеќе и оддадоа почит на споменикот на светите браќа Кирил и Методиј на градскиот плоштад во Охрид.
Централниот настан за свеченото одбележување на овој голем празник, се одржа на Плаошник, местото каде што е основан и дејствувал првиот словенски универзитет, Охридската книжевна школа, чијшто основач е еден од учениците на Светите Браќа Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски. Премиерот Ковачевски, во своето обраќање од Плаошник, порача дека мисијата е продолжена, по стапките на Кирил и Методиј, се изборивме за сопствената јазична и идентитетска еднаквост во Европа.
„Од ова парче земја го црпиме старословенското, кирилометодиевското и црковнословенското наследство, кое е суштински дел од културното наследство на сите словенски народи, а меѓу нив и на мојот, на македонскиот народ. Одејќи по стапките на сесловенските просветители Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, токму овде, во Охрид, ја развил Охридската книжевна школа. Тоа е првиот словенски универзитет во тоа време и тој прераснува во еден од најголемите и највлијателните културни центри, од каде што се шири словенската писменост. Овој 24 Мај – Ден на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј и Ден на сесловенската писменост, го дочекуваме исправени и особено горди, затоа што македонскиот стандарден јазик, нашиот официјален јазик, е признат и е рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици во Европската Унија“, порача премиерот Ковачевски на централниот настан на Плаошник.
Во рамки на одбележувањето на празникот, од страна на научната заедница од областа на македонскиот јазик, беше донесена Декларација, која проф. д-р Бобан Карапејовски од Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет при УКИМ, ја прочита на централниот настан на Плаошник. Со Декларацијата, се потврдува многувековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти во групата на словенските јазици, опфаќајќи ја фактографски историјата, стандардизацијата, кодификацијата и иднината на македонскиот јазик. Воедно во Декларацијата дека македонскиот јазик не само што има рамноправен статус во европското и светското семејство на јазици, туку и неговиот пат кон иднината не можат да бидат попречени од никакви негирања, фусноти, ѕвездички, додавки и слично.
Покрај обраќањето на премиерот Ковачевски, на централниот настан на Плаошник, преку културно уметничка програма во изведба на познати македонски актери и изведба на хорот Свети Ахил преспански од Ресен, со многу симболика кон делото на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, се одбележа овој ден кој има огромно и суштинско значење нашата држава.
Декларација за македонскиот јазик
Обраќање на премиерот Димитар Ковачевски по повод свеченото одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите Браќа Кирил и Методиј - Панел дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет"
Во рамки на настаните по повод свеченото одбележување на државниот празник 24 Мај - Ден на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј во Охрид, Владата на Република Северна Македонија се одржа Панел дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет", каде воведно обраќање имаше премиерот Ковачевски.
Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор,почитувани професори, научници, лингвисти, книжевници, заштитници и еманципатори на употребата на нашиот вековит македонски јазик, симбол, чувар и потврда на нашиот македонски идентитет, на нашата татковина!
Почитувани присутни на денешниот панел „Македонскиот јазик во словенскиот свет“,почитувани претставници на медиумите,
Честит и вечен нека е 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и Денот на словенската писменост!
Светите Кирил и Методиј се значајни за писменоста на сите словенски народи, како создатели на првото словенско писмо – глаголицата, од која потекнува и македонската писменост.
Нив ги слави и им оддава почит и целиот културен свет во денешна Европа, поради нивниот космополитски дух, со кој се поставиле како мост меѓу Источната и Западната европска цивилизација.
Но, тоа што нас нè собира секој 24 мај и поради што сме денес, овде - се почетоците на македонската писменост, поврзана со дејноста на Охридската книжевна школа, првиот словенски универзитет во тоа време, основан токму овде, во Охрид. И со делото на нејзиниот основач, ученикот на Браќата Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, кој добил бројни наследници со значаен придонес за развојот на македонската писменост.
Од најраниот период на македонската писменост, кој науката го бележи во 9-от век, преку периодот од 16-от до 20-от век кој важи за претстандарден период на македонскиот писмен јазик, преку периодот меѓу двете светски војни кога на македонски јазик пишуваат Кочо Рацин, Коле Неделковски, а се изведуваат и повеќе драмски текстови на македонски јазик, па се до денес кога веќе имаме стандардизиран и меѓународно признат и препознат македонски јазик, факт е дека Македонците, како одделен народ, со свои обичаи, културни традиции, живеат на своја, македонска земја и говорат на свој, македонски јазик.
Фактите за длабоките корени на македонскиот јазик говорат и преку првата печатена македонска граматика на Ѓоргија Пулевски, но и преку македонските интелектуалци, како браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, кои создаваат писмен јазик, претходник на идниот кодифициран македонски јазик. Говорат и преку Крсте Петков Мисирков кој ја прави првата стандардизација на македонскиот писмен јазик.
2 август 1944 година, Првото заседание на АСНОМ, останува врежан во македонската историја меѓу другото и како денот кога македонскиот јазик официјално е прогласен за службен јазик во нашата македонска држава, по што, следната година се усвоени и македонската азбука и македонскиот правопис.
И со тоа се случува конечната стандардизацијата на македонскиот јазик.
Сето ова, покажува дека македонскиот јазик е вистински и реален, со своја длабока историја и своја автентичност!
Тоа што е и денес!
И тоа што ќе биде за навек!
„Јазикот е нашата најкомплетна татковина“! Ќе рече нашиот џин Блаже Конески, а сите нам ќе ни остави аманет.
Македонскиот јазик опстојал низ вековите благодарение на тоа што луѓето зборувале, раскажувале, прераскажувале и твореле, создавале дела на македонски јазик.
Преку македонскиот јазик, опстојуваме и ние Македонците.
И сè додека има луѓе кои го употребуваат македонскиот јазик, тој ќе постои, а ќе постои и нашата единствена татковина, Република Северна Македонија.
И затоа, како одговорна Влада кон ова свое богато културно и историско минато и кон својот народ, донесовме тешки, државнички храбри одлуки, со кои најнапред ги осигуравме територијалните граници преку членството во НАТО, а потоа ги зацврстивме и заштитивме нашиот јазик и нашиот идентитет преку почетокот на преговорите со Европската Унија, минатата година.
По овој пат одиме, за да го осигураме европскиот квалитет на живот тука, дома. И да си ги задржиме младите, да живеат, учат, работат во родната земја – дома, но тука во своја држава. За да има кој да говори, пишува и создава на мајчиниот македонски јазик, денес и секогаш - во својата татковина, како дел од Европа.
Макотрпен е патот на нашиот народ, поплочен со многу болка, жртви, дадени животи, на знајни и незнајни борци и творци, за ние денес да имаме своја, македонска држава - и како македонски народ, да зборуваме на својот македонски јазик и да сме признаени во целиот свет.
И ете ова ние го постигнавме! И веќе е јасно за сите.
Вистината за признанието на македонскиот јазик, потоа во Обединетите нации - и во Европската Унија, дојде со Договорот за ФРОНТЕКС, првиот ваков договор помеѓу Европската Комисија и Република Северна Македонија, на македонски јазик, без какви и да било ѕвездички или фусноти во тој договор.
За вистината зборуваат фактите дека македонскиот јазик денес е на рамноправно рамниште со сите други јазици што се зборуваат во Европската Унија.
Европското законодавство се преведува и на нашиот мајчин, македонски јазик.
Како Влада, можеби како ниту една друга влада досега во независна Македонија, ѝ подадовме рака на домашната јазична, книжевна, научна мисла и заедно одговоривме на аманетот на Конески, македонскиот јазик да го сочуваме, обезбедувајќи го неговиот континуитет.
Значаен придонес во неговата еманципација и унапредување е новиот предлог Закон за употребата на македонскиот јазик, чиј текст Владата веќе го утврди.
Ги зедовме предвид укажувањата на јазичната наука дека е потребно значително зајакнување на законските мерки за грижата и употребата на македонскиот јазик и со овој предлог закон предвидовме проширување на областите каде задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.
Воедно, со овој предлог Закон овозможивме правна основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик.
Цврсто сме определени да осигуриме ефективна заштита, негување, промоција и афирмација на македонскиот стандарден јазик.
Воедно со предлог измените на Законот за државните награди, воведуваме нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјава и во странство, која ќе го носи името на основачот на современата македонска наука за јазикот, Блаже Конески.
Во мандатот на Владата што ја предводам, го започнавме и проектот за реконструкција и ревитализација на старото училиште „Димитар Влахов" во село Љубојно, односно негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.
И покрај тоа што функционираме во време на глобална, светска, економска и енергетска криза, ја поддржавме со буџетски средства и дигитализацијата на сите картотеки во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, со цел да се постигне трајна заштита на околу 5 милиони вредни записи на постари, но и стари, македонски текстови, на дијалектни записи, а некои од нив се дури од 14-от век.
Во времето на нашиот 5-годишeн мандат, веќе знаете дека на интернет платформа е поставен дигитализираниот „Толковен речник на македонскиот јазик“.
Дигитализиран е и Правописот на македонски јазик.
По повеќе од 24 години, овозможивме вработување на 17 млади лица, магистри, докторанти и доктори на науки по македонистика, на Институтот за македонски јазик.
Со вработувањата во институтот ќе продолжиме и оваа година.
Воведовме и Ден на македонскиот јазик, 5 Мај, во чест на 5 мај 1945 година, кога тогашната Влада го официјализира современото македонско писмо, односно ја озваничи современата азбука на македонскиот јазик.
Можам и натаму да набројувам.
Но, ете вака ние се грижиме за нашата македонска писменост и за нашиот македонски јазик, преку дела.
Благодарам за корисната и значајна соработка со Советот за македонски јазик, на проф.д-р Људмил Спасов и на сите членови на Советот, во напорите за што поквалитетни владини политики, во делот на заштитата, негувањето и афирмацијата на македонскиот стандарден јазик.
Овде лично сакам да ви порачам, дека јас како премиер и ние како Влада сме отворени за принципиелна и конструктивна соработка со секој од Вас овде и со институциите, факултетите, институтите, универзитетите од каде што доаѓате.
Затоа што, сакам да знаете дека кога станува збор за нашите идентитетски определби, чувствителноста ни е иста. Како што се, верувам, исти и нашите определби – да напредуваме како Македонци кои говорат, пишуваат и творат на македонски јазик, во европското семејство на народите и државите, каде што и припаѓаме.
Натаму одиме, натаму сме тргнати, патот е зацртан одамна, уште од Светите Кирил и Методиј кои важат за темелници на европскиот интеркултурализам, тоа што ние веќе го практикуваме. А тоа што треба да го направиме - е - да продолжиме напред!
Пред вас, пред нас, шансите се реални повеќе од кога и да било, македонските научници, лингвисти, книжевници, уметници да работат и да создаваат меѓу европските колеги, во широкото европско поле на нови можности, коишто отвораат нови и значајни перспективи за денешните и за идните генерации.
И јас доаѓам од науката, иако од друга научна област, но знам колку е важен просторот за дејствување, каде што се реализираме, се остваруваме но и се надминуваме себеси, преку интеракција, искуства и можностите за соработка.
Верувам во вашата поддршка на овој пат, што е многу значајна за просперитетот и на граѓаните и на државата.
Благодарам за вниманието, за честа која што ми ја укажавте и очекувам успешна дебата на овој панел.“
Обраќање на премиерот Димитар Ковачевски по повод свеченото одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите Браќа Кирил и Методиј
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на свеченото одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите Браќа Кирил и Методиј и Ден на словенската писменост во Охрид.
Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Избравме годинава да го чествуваме 24 Мај, овде, на Плаошник, местото каде е основан и дејствувал првиот словенски универзитет затоа што тука најгласно одекнува вечната и непобитна вистина за потеклото на нашиот македонски јазик, на нашата македонска писменост и култура, а со тоа и на нашиот македонски идентитет.
Затоа што токму на оваа македонска почва, светите Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ја создале писменоста, од којашто натаму се развива и современата македонска писменост.
Од ова парче земја го црпиме старословенското, кирилометодиевското и црковнословенското наследство, кое е суштински дел од културното наследство на сите словенски народи, а меѓу нив и на мојот, на нашиот, на македонскиот народ.
Одејќи по стапките на сесловенските просветители Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, токму овде, во Охрид, ја развил Охридската книжевна школа.
Тоа е првиот словенски универзитет во тоа време и тој прераснува во еден од најголемите и највлијателните културни центри, од каде што се шири словенската писменост.
Ракописи од таа Охридската школа, денес се наоѓаат речиси во сите позначајни светски библиотеки и установи.
Еден од наследниците на Климент, еден од најголемите борци за признавањето на македонскиот јазик, Крсте Петков Мисирков, вели: „За среќа, има македонска национална култура и историја и тој факт го вооружува македонскиот народ, со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот, како рамноправен член во бројот на културните народи“.
И јас сум убеден дека и Климент Охридски, еден од учениците на Браќата Кирил и Методиј, и нивните наследници: Мисирков, Конески, како и: Јаневски, Андреевски, Шопов, Рацин, Андреевски - денес би биле подеднакво горди со сите нас.
Затоа што, како што вели еден од нашите најзначајни современи дејци, Блаже Конески, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик: „Јазикот е нашата целокупна татковина“.
Но, Конески предупредува и дека: „Од нас зависи дали јазичната средина ќе биде загрозена или не“.
А ние, нашата јазична средина ја заштитивме, преку тешки, државнички, храбри одлуки како и што доликува на една одговорна Влада која го цени своето богато културно и историско минато.
Со овие одлуки, најнапред ги осигуравме територијалните граници преку членството во НАТО, а потоа го заштитивме македонскиот јазик и идентитет преку почетокот на преговорите со Европската Унија, минатата година.
Силно сме посветени да го изодиме овој европски пат, да се осигураме дека европскиот квалитет на живот ќе го имаме и тука, дома.
Посветени сме да дадеме глас за Европа за да обезбедиме услови младите, луѓето, да живеат, учат, работат во својата родна земја. Да има кој да говори, пишува и создава на мајчиниот македонски јазик, денес и засекогаш во иднина.
Овој 24 Мај – Ден на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј и Ден на сесловенската писменост, го дочекуваме исправени и особено горди, затоа што македонскиот стандарден јазик, нашиот официјален јазик, е признат и е рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици во Европската Унија!
Нема повеќе внимателни формулации како до пред извесно време, на описно означување на нашиот македонски јазик, како: „јазик на македонската култура“, „јазик на македонската литература“, или „јазикот на Блаже Конески“, „јазикот на Матеја Матевски“ и слично.
Успеавме и ние: денес македонскиот јазик е официјализиран, по Обединетите нации – и во Европската Унија.
Добивме и формална потврда дека македонскиот јазик е на рамноправно рамниште со сите други јазици што се зборуваат во Европската Унија, преку потпишаниот Договор за ФРОНТЕКС, првиот ваков договор помеѓу Европската Комисија и Република Северна Македонија, потпишан на македонски јазик, заедно со останатите официјални јазици на Европската Унија.
И европското законодавство се преведува и на нашиот мајчин, македонски јазик.
Денес јасно и гласно, во официјални изјави, на сите европски лидери и претставници на меѓународната заедница, нашиот јазик е прецизно именуван како македонски јазик.
Никој повеќе не може, на европските дебатни маси, да зборува во наше име.
Со сето ова, ги отворивме вратите ширум и за активна промоција на македонските книжевни автори во Европа и размена на искуства на полето на науката и образованието.
Покажавме дека сме достојни следбеници на сесловенските просветители, Кирил и Методиј, темелниците на европскиот интеркултурализам, кон што денес е насочена и целата современа, мултикултурна Европа.
Светите Браќа Кирил и Методиј, се впуштиле во борба против тријазичната догма дека христијанството може да се проповеда само на три јазици – еврејскиот, грчкиот и латинскиот.
И успеале со своите мисии да го внесат и словенскиот јазик, на рамноправно рамниште, создавајќи го и посебното словенско писмо – глаголицата и првиот литературен јазик на Словените - старословенскиот.
Ваквото нивно дело претставува културна и политичка револуција во тогашната хуманистичка мисла, но и промоција на европскиот хуманизам, во духовниот и во интеркултурниот стремеж за рамноправност на јазиците и еднаквост меѓу народите. Тоа, кон што се определени и Европа, како и светот, денес.
Светите Кирил и Методиј, како што цени науката, за првпат го активирале феноменот на словенскиот фактор, како еден вид рамнотежа - политичка, црковна и културолошка, во растежот на европската цивилизација и култура, гледајќи во него како на мост меѓу Источната и Западната европска цивилизација.
Затоа успехот на нивната мисија е повеќенасочен.
Тој успех значи пресвртница за словенските народи, за нивниот културен и историски развиток и отворена врата - во и за културниот европски свет.
Овој напор на Светите Браќа има несомнени културолошки вредности за словенската цивилизација, но и за целата културна и образовна иднина на Европа и на светот.
Република Северна Македонија денес претставува успешен пример на функционална мултикултурна држава и кај нас се негува на дело еднаквоста на националните и на јазичните различности.
Успеавме и да се избориме за сопствената јазична и идентитетска еднаквост во Европа!
Затоа, не е нескромно кога ќе истакнеме дека Република Северна Македонија е мостот што им е потребен на Западниот Балкан и на Европа денес, во надминувањето на сложените предизвици на денешницата.
И ова современо време во кое што ние живееме, векови по времето на Светите Браќа Кирил и Методиј, има потреба од натамошни успешни мисии во насока кон интеркултурализмот.
А нашата држава, со сите свои предизвици во развојниот пат, поради многу богатото културно и историско наследство, како и поради прогресивната раководна мисла, подготвено го следи космополитскиот дух на Светите Кирил и Методиј.
Се докажа, во регионот и во Европа, дека сме потребниот мост, бидејќи покажавме, преку дела, како со разговор и со дијалог - како цивилизациски придобивки, се наоѓаат решенијата на преговарачките маси.
А никој не може да одземе некому јазик, да одземе идентитет!
Тоа едноставно не е можно!
На македонски јазик, на македонското тло, во оваа наша македонска држава се говорело и се пишувало отсекогаш. Се говори и се пишува денес. И ќе се говори и ќе се пишува за навек.
На македонски јазик досега се преведени бројни книжевни дела, на цела плејада автори од светската литература. Богатството на светската култура е достапно и на македонски јазик.
Македонскиот јазик живее и се развива преку делата на македонските автори како Кочо Рацин, Коле Неделковски, Васил Иљоски, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Ташко Георгиевски, Петре М. Андреевски, Јадранка Владова, но и преку делата на современите македонски автори Влада Урошевиќ, Веле Смилевски, Гордана МихаиловаБошнакоска, Владимир Мартиновски, Румена Бужаровска и многу многу други. А ќе живее и низ новите дела на најмладите современи македонски писатели.
Јазикот е жива материја и тој, како што посочува и Конески, постојано се надградува.
Владата што ја предводам, соработува со научната јазична и културолошка заедница и заедно покажуваме подготвеност да одговориме на повикот на Конески за континуитет и напредок на македонскиот стандарден јазик.
Како Влада, во последниве 5 години, покажавме можеби најголема свесност досега, за потребата од активна заштита, негување и промоција на македонскиот јазик и на македонската култура дома и низ Европа и светот.
На една од претходните владини седници, го поддржавме донесувањето на новиот Закон за употребата на македонскиот јазик, преку што се прошируваат областите каде задолжително се употребува македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.
Се проширува опсегот на задолжителното лекторирање текстови а донесовме и значајна одлука, да се востанови нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјава и во странство, како и одлука таа награда да го носи името на основачот на современата македонска наука за јазикот, Блаже Конески.
Го започнавме проектот за реконструкција и ревитализација на старото училиште „Димитар Влахов" во село Љубојно, Преспа, за негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик. Уште во текот на НОБ во ова училиште се држи настава на македонски јазик.
Училиштето во Љубојно се наоѓа на тромеѓето меѓу Грција, Албанија и Северна Македонија, па така отвораме и уште еден простор за нашето, меѓудржавно зближување.
Ја поддржавме и дигитализацијата на сите картотеки во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, со буџетски средства, преку што се овозможува трајна заштита на околу 5 милиони записи со стари македонски текстови, на дијалектни записи, како дел од нашето духовно богатство, а некои од нив датираат од далечни времиња, дури од 14-от век.
Овие записи веќе нема да се чуваат во кутии и во плакари, оставени на забот на времето, туку се заштитени во дигитална форма.
Во Институтот за македонски јазик, по 24 години, се вработија 17-мина млади луѓе, магистри, докторанди и доктори на науки по македонистика.
Во досегашниот петгодишен мандат, дадовме поддршка за континуирана афирмација на македонскиот јазик и преку поставување на дигитализираниот „Толковен речник на македонскиот јазик“.
Во овој мандат е дигитализиран и Правописот на македонски јазик.
Го прогласивме 5 Мај за Ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година, кога првата влада на Народна Република Македонија го официјализира современото македонско писмо, озваничувајки ја современата азбука на македонскиот јазик.
Ова е нашата вистинска грижа за македонскиот јазик - преку дела!
Сакам да знаете дека сме цврсто определени да ги поддржиме и сите други проекти и иницијативи во насока на негување и унапредување на употребата на македонскиот јазик и неговата промоција во европското и светското семејство на јазици, идентитети и народи, каде што сега и рамноправно припаѓаме.
Отворени сме за соработка и со Катедрата за македонски јазик, со Катедрата за македонска книжевност и култура, со Катедрата за општа и компаративна книжевност и со другите филолошки катедри, како и со институтите за македонски јазик и македонска литература при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
На овој наш прв државен универзитет - во оваа пригода, во името на Владата и во мое име, му го честитам денешниот патронен празник.
Отворени сме за соработка и со филолошките катедри на сите други универзитети во земјава.
Сите треба да сме свесни дека афирмирањето на писменоста, од најраните степени на школувањето, води напред во културниот и општествениот развиток.
Двајцата проповедници, како што вели Климент за неговите учители Кирил и Методиј, се светила на целата вселена, тие со добар подвиг и со цврста вера, минаа како сонце, осветлувајќи ги темните места со своите стапки.
Ни создадоа, како што е напишано во химната за нив, сесловенско писмо, светлост во мракот и писменост што зрачи вечно.
Затоа и велиме дека „Писмото е нашиот универзум“.
Нека ни е честит Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј и Денот на словенската писменост, 24 Мај!
Вербата на Кирил и Методиј и нивната посветеност во просветителната дејност, нека бидат инспирација за следните наши храбри дела, за тие да го осветлуваат патот на следните генерации.
Благодарам за вниманието, да ни е вечен македонскиот јазик, да ни е жив и здрав македонскиот народ и сите други граѓани во нашата држава. Да е вечна и напредна и просперитетна европска Република Северна Македонија“.