Маричиќ од Бечиќи: Ќе испорачаме реформи и одлучност, а ЕУ да испорача членство во догледно време

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во видео-обраќање од Бечиќи каде присуствува на состанокот на министри за ЕУ, по повод завршувањето на претседавањето на Црна Гора со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, порачува дека ќе бидат испорачани резултати од наша страна, но бара и ЕУ да испорача членство во догледно време.

„Регионот веќе направи позитивни движења, сега е време ЕУ интеграцијата да земе полн замав. Дојдено е време за сериозен план за проширување од страна на ЕУ. Конкретен план со кој ЕУ ќе покажи дека не само со зборови, туку и со дела е фокусирана на евроинтеграцијата на регионот. Ние ќе испорачаме реформи и тешки одлуки, а ЕУ да испорача членство до догледно време“, вели Маричиќ.

Во врска со преземањето на претседавањето на Северна Македонија со Процесот за соработка на Југоисточна Европа,  како еден од главните форуми за регионален дијалог, Маричиќ посочи дека тоа е „додадена вредност на нашата посветеност на градење општество засновано на демократски вредности и економски просперитет со јасна визија за иднината на регионот како целосно интегриран во Европската унија“, укажувајќи дека за време на претседавањето „Северна Македонија ќе остане силно посветена на унапредување на регионалната економска соработка и инфраструктурно поврзување, владеење на правото, човековите права и функционирање на демократските институции“.

Во продолжение интегралниот текст од видео-обраќањето на вицепремиерот за европски прашања, Маричиќ:

„На денешниот состанок на министрите за ЕУ на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Бечиќи испративме јасна порака дека Западен Балкан предолго очекува извесна европска перспектива, со јасна временска рамка за идно проширување на ЕУ.

Регионот веќе направи позитивни движења, сега е време ЕУ интеграцијата да земе полн замав. Дојдено е време за сериозен план за проширување од страна на ЕУ. Конкретен план со кој ЕУ ќе покажи дека не само со зборови, туку и со дела е фокусирана на евроинтеграцијата на регионот. Ние ќе испорачаме реформи и тешки одлуки, а ЕУ да испорача членство до догледно време.

Преземањето на претседавањето на Северна Македонија со Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа,  како еден од главните форуми за регионален дијалог, е додадена вредност за нашата посветеност на градење општество засновано на демократски вредности и економски просперитет со јасна визија за иднината на регионот како целосно интегриран во Европската унија. За време на претседавањето Северна Македонија ќе остане силно посветена на унапредување на нашата регионална економска соработка и инфраструктурно поврзување, владеење на правото, човековите права и функционирање на демократските институции.

Потребна ни е политичка волја и одговорност од сите политички субјекти да продолжиме да напредуваме во преговорите со ЕУ и за македонските граѓани да испорачаме подобар животен стандард, а за државата економски раст.

Членството на Западен Балкан во ЕУ, без сомнеж, е инвестиција во европскиот мир и безбедност, со заедничка акција да го направиме достижно и реално“.

Денеска во Бечиќи се одржуваат два состаноци на министрите за ЕУ и министрите за надворешни работи, како активности со кои завршува Подгорица Претседателството 2022-2023 со Процесот за соработка на Југоисточна Европа, а го презема Северна Македонија, официјално од први јули.